Во Прилеп вечер, а утревечер на Рудина кај Долнени, лулката на македонското гајдаџиство, ќе се одржува јубилејниот, 45-ти Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Фестивалот донесува околу 350 изведувачи на изворниот мелос од цела Северна Македонија, семинар за изучување на народните инструменти и песни, трибина за изворниот фолклор, некогаш и денес и зборник за ставот на научниците за зачувувањето и карактеристиките на изворниот мелос. Разговараме со уметничкиот директор на Фестивалот, професор доктор Родна Величковска од Институтот за фолклор „Mарко Цепенков“ од Скопје за улогата и значењето на Фестивалот во зачувувањето на вековното нематеријално културно богатство на државава.
Професор Величковска, долги години сте со Фестивалот, го изучувате изворниот мелос. Вие сте на теренот секоја година во селекцијата на изведувачите низ цела држава на изворните инструменти и песни. Ова е 45-то, јубилејно издание на Фестивалот. Што значи тоа?
– Тоа значи дека во континуитет, 45 години се одржува Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, во Прилеп и во Долнени. Респектабилна децениска традиција за зачувувањето на изворниот македонски мелос.
Основните цели на Фестивалот се зачувување, негување на изворниот македонски мелос. Како се остварува тоа?
– Сé е остварливо со едукација. Тука е семинарот за изучување на изворните инструменти и песни кој веќе има 10-годишна традиција. Континуитетот се одржува со сите учесници кои секоја година ги откриваме во сите „пазуви“ на Републикава.
Дали помеѓу младите генерации се негува изворното музицирање и пеење. Едно време беше тренд народните песни да добијат современи аранжамани.
-Голем придонес кон негувањето на традиционалната музика кај помладата популација е отворањето на насоката за традиционална музика при Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, како и Одделот за етнокореологија на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип каде завршуваат талентирани ученици и студенти. Дипломираните се веќе инволвирани во едукацијата и презентацијата на македонското музичко-фолклорно творештво.
Секоја година, при селектирањето на фестивалската програма сте на теренот низ државава да се осведочите со негувањето на изворниот мелос. Каква е ситуацијата?
-На теренот сé повеќе се појавуваат талентирани деца кои со огромна љубов го негуваат она што претставува македонска музичко-фолклорна тардиција.
Имаше проблеми со одобрувањето средства преку Министерството за култура. Дали е тоа превид или се забораваат придобивките за зачувувањето на изворниот мелос?
-Станува збор за недоразбирање, но сето тоа е надминато и во рамките на оние средства што се дадени од Министерството за култура на Република Северна Македонија и локалните заедници на Прилеп и на Долнени, ќе се обидеме, како и досега, да го изведеме Фестивалот во најдобар ред.
За јубилејното, 45-то издание на фестивалот има трибина за изворниот мелос некогаш и денес, се издаде и Зборник на научни трудови. Што покажува тоа за зачувањето на изворното музицирање и пеење?
-Годинава ќе се одржи мини-симпозиум на тема „Фолклорот во минатото и денес“ на кој ќе учествуваат еминентни научници од областа на фолклористиката, етнологијата, етномузикологијата, чии трудови се наоѓаат во Зборникот кој ќе биде промовиран на Фестивалот. Зборникот, кој ќе придонесе околу сознанијата на одредени проблеми врзани за македонското традиционално музицирање, воопшто.