Градоначалникот на скопската Општина Центар, Саша Богдановиќ беше во посета на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), каде што имаше средба со нејзиниот директор Илхан Рахман и со заменик-директорот Џелал Хоџиќ.
Како што соопшти Агенцијата, Рахман го запозна Богдановиќ со визијата и мисијата АОПЗ, како и за тековните активности, но и предизвиците во работата.
Хоџиќ на градоначалникот Богдановиќ му ги потенцирал проблемите со кои се соочуваат етничките заедници, што се под 20 отсто од вкупното население, во остварувањето на правата кои се пропишани со Уставот и законите.
Градоначалникот Богдановиќ зборуваше за потребата од системски решенија кои ќе имаат за цел отстранување на пречките во остварувањето на правата на заедниците под 20 отсто, како на државно, така и на локално ниво, се наведува во соопштението.
Рахман, Богдановиќ и Хоџиќ се сложиле дека претстојниот попис на населението е многу важен за „етничките заедници под 20 отсто”, а поради потребата од креирање на политики на среден и долг рок со кои би се подобрил статусот на помалобројните заедници. Дополнително, било разговарано за нови идеи и модели на поддршка на невладините организации на заедниците, како и подигнување на нивните капацитети.
На крајот од конструктивниот состанок градоначалникот Богдановиќ со Рахман и Хоџиќ зборуваа за можностите Општина Центар и АОПЗ во иднина да работат на заеднички проекти, се наведува во соопштението.