- Станува збор за комплетно нов објект што ќе биде поврзан со Општата болница во Куманово и ќе се состои од приземје и кат. На приземјето е предвидено сместување на итна хируршка амбуланта, соба за дневна болница, две ортопедски амбуланти, гипс сала, анестезиолошка амбуланта и други придружни простории, додека на катот се проектирани две амбуланти за урологија, една просторија за уролошки интервенции, две хронично хируршки амбуланти, една просторија за интервенции и просторија за компјутерска томографија, како и други придружни простории. Тоа значи дека пациентите на исто место ќе можат да ги добијат сите здравствени услуги и целата потребна дијагностика и третман, рече Тодоров.
Министерот Тодоров, потенцираше деја постојниот Ургентен центар во Куманово не е функционален и не е направен по сите стандарди и има само еден сегмент, во делот на интернистички амбуланти, што не е доволно за да функционира како ургентен центар. - Здравствената инфраструктура е еден од носечките столбови за подобро здравство и инвестициите во здравствената инфраструктура се предуслов за подигнување на квалитетот на здравствените услгуги. Во таа насока е и проектот за изградба на Ургентен центар во општата болница во Куманово со што Куманово и целиот регион ќе добие најсовремен ургентен центар по сите стандарди и ќе се овозможи подобрување на квалитетот и пристапот до здравствени услуги, истакна Тодоров.
Инвестицијата за новиот ургентен центар е околу 48 милиони денари и набавката е веќе објавена, а до крајот на ноември ќе се склучи договор и ќе се отпочне со градежни работи. Градежните работи, согласно договорот, е предвидено да завршат за 15 месеци.