Во рамки на проектот „На патот“ на (локалната акциска група) ЛАГ АБЕР 2015, финансиран од швајцарската амбасада, уметниците од кумановско изработуваат дела кои го промовираат природното и културното богатство на регионот.

Мурал насловен „Козјак“ изработен од академскиот сликар Дејан Божиновски-Коска од неодамна го краси ѕидот на кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“.

Делото кое е визија на авторот Божиновски и го разбива сивилото на фасадите на кумановските згради, има за цел да го привлече вниманието на младите кон природното и културното наследство на кумановскиот регион и да ја афирмира оваа планина како едно од местата за развој на руралниот, планински туризам.

-Идејата на целиот проект е да се даде поддршка на уметниците и да се развие свеста кај локалните власти и бизнис заедницата дека можат во голема мера да го искористат креативниот потенцијал на уметниците и заедно да го направат кумановскиот регион поубаво место за живеење, изјави директорот на проектот, Дејан Ѓорѓиевски.

На втората страна поставени се и пингвини, непосредно до вратите од училиштето кои испраќаат порака до учениците за негативните ефекти од климатските промени.

Од ЛАГ АБЕР 2015 сметаат дека со реализацијата на проектот, ќе дадат придонес во креирањето на нов, модерен, уметнички лик на Куманово, по примерот на големите светски уметнички метрополи, ќе им дадат можност на уметниците и креативците да изработат дела кои ќе бидат поставени надвор од галериите, достапни до граѓаните.