Технолошко–техничкиот факултет(ТТФ) на Универзитетот „Гоце Делчев“ и годинава ја одржува изложбата „Денови на модата“, овојпат насловена „Модата – виножитото на град Штип“. Универзитетската професорка на ТТФ, Ванѓа Димитриева-Кузманова вели дека овие денови на модата и моделите кои се изработени и изложени се само уште еден поттик за Штип како град на текстилот и модата.

– На овој начин даваме поттик на нашите студенти, како и на сите креативци кои се занимаваат со мода и дизајн навистина боите на виножитото на градот Штип да ги комплетираме заедно. Ние како професори на ТТФ при УГД не само преку наставната програма, туку и преку организирање на летни школи, во кои младите талентирани деца добиваат база и поддршка, а со тоа во иднина овие денови на модата да прераснат во една поголема традиција на градот Штип, бидејќи ова на Штип му е темел кој некој само треба да го одржува, вели Димитриева-Кузманова.

Преку оваа изложба продолжува и соработката со Техничкиот универзитет од Софија, а професори од овој универзитет учествуваат и на оваа изложба. На крајот на октомври годинава, студенти од ТТФ-Штип ќе учествуваат со своја модна ревија и изложба на настан кој се организира на Универзитетот „Неофит Рилски“ во Софија. Изложбата инаку се организира и со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Изложбата „Модата – виножитото на град Штип“ беше организирана и отворена заедно со изложбата на Биеналното студио на цртеж, кое по десет годишна пауза е обновено од страна на Центарот за култура и Комисијата за култура на општина Штип.