Визуелниот уметник Страхил Петровски вечер во Мала станица од 20 часот ќе се претстави со изложбата „Еха од иднината”. Проектот е составен од три целини во кои авторот имплементира повеќе визуелни медиуми: објекти, редимејд-предмети, инсталации, фотографија, видео и видео перформанс, аудиозапис, текстови и интервенции во просторот на галеријата кои функционираат како одделни дела со сопствена приказна.

Страхил Петровски (Куманово, 1974) е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Дипломирал сликарство во 1997 година на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, а во 2000 година на ФЛУ завршил постдипломски студии кај истиот ментор.

Во последните години Петревски користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања, како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес.

Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во Националниот конзерваторски центар. Добитник e на неколку значајни награди од областа на современата ликовна уметност.