Во рамки на Фестивалот на грчки филм и култура, еден од најпознатите грчки музички бендови во последните години, бендот на Фоивос Деливоријас, вечер ќе одржи концерт во Клуб ресторанот МКЦ. Тие имаат специјален репертоар за оваа прилика и ќе настапат со филмска музика од познати грчки филмови.

Покрај уникатната можност на едно место да се погледнат повеќе нови одбрани грчки филмови, на концертот познатиот грчки музичар и текстописец ќе изведе посебен перформанс пред скопската публика, која ќе има можност да ужива во неповторливата изведба на филмска музика од познати грчки филмови.

Станува збор за песни кои се дел од Дасиновата „Фаедра“, „Ремпетико“ на Фери, Казановиот „Америка Америка“, „Јастог“ на Лантимос или од старите популарни грчки мјузикли и филмовите на Тео Ангелопулос, кои го водат слушателот на имагинарно патување во филмска индустрија, која патувала надвор од границите на Грција.

Вечерва на програмата на фестивалот ќе може да се погледне филмот „Смак“ во режија на Елијас Деметриу кој ќе се прикажува во терминот од 18 часот, во кино „Милениум.

Фестивалот вчера во „Милениум“ го отвори шефот на одделот за јавна дипломатија при Грчката амбасада во Скопје, Константинос Прокакис, кој истакна дека ова е прв културен настан што се одржува под покровителство на официјална грчка институција во оваа земја во последните 30 години.

-Нашиот стремеж е да ве запознаеме со грчката култура и начинот на живеење преку леќите на грчката филмска индустрија и креативната филмска продукција кои доаѓаат од иновативни млади режисери, подготвени да ни понудат своја перспектива и нова гледна точка за тоа што во моментов се случува во грчкото општество. Покрај тоа, ова е можност да се зајакне меѓусебното разбирање меѓу луѓето од нашите земји и да се создадат врски на пријателство. Нема подобар начин од уметноста и културата да се постигне таква цел, рече Прокакис.

Гостите ги поздрави и грчкиот амбасадор Димитрис Јанакакис, кој истакна дека во услови на финансиска криза меѓу првите страда културата, а такво искуство, за жал, доживеа и Грција, но таа, вели, инспирираше многу грчки филмски работници да се осврнат кон тешки теми и критички да пристапат кон нив.

-Од тоа се роди еден нов бран во грчката кинематографија, именуван како „чудниот грчки бран“, кој донесе нова естетика, нови теми и идеи кои несомнено допреа до гледачите, до критичарите и до филмските фестивали ширум светот. Некои беа инспирани и од антички грчки трагедии, рече амбасадорот Јанакакис.