Мојот сон беше да бидам шнајдер. Презадоволен сум од животот зашто сум видел аир од оваа работа. Додека беше Југославија имав работилница, 12 луѓе работеа за мене. Во 1985 -1986 шиев сакоа за Словенија, за Црна Гора. Јас сум презадоволен во животот што сум успеал. Од сонот што сум го имал, повеќе сум создавал.

Вака ја почнуваме приказната за кројачот Биљал Абдуловски од кројачкиот дуќан „Гази Баба“, лоциран на улицата „Лазар Танев“ бр.16 во Старата скопска чаршија. Дуќанот, што е во негова сопственост, го носи името на населбата каде што е роден.

Кројачот Абдуловски работи 50 години

Абдуловски го посетивме едно октомвриско претпладне. Беше пред своето работно место, пред дуќанот, во друштво со неговите соседи, исто така мајстори. Нè прими со задоволство и со насмевка на лицето. Ни раскажа дека порано имало работа и бил презадоволен.

– Занаетот го работам од 11 години. Завршив четврто одделение и почнав чирак кај еден мајстор, Турчин, сè до осмо одделение. Потоа завршив средно текстилно училиште. Порано повеќе се работеше рачно, имаше повеќе нарачки во поранешна Југославија. Се шиеше по нарачка, палта, панталони, костуми… Седум години бев како ученик. Потоа отидов во војска, па почнав да бидам самостоен, се потсети кројачот Абдуловски.

Кога бил момче, чирак, во Чаршијата имало 22 кројачи и сите имале работа. Сега, како што вели, се само петмина и се „половина шнајдери“.

Во дуќанот можевме да видиме ножици, машини за шиење, метро, линијар, креда, напрсток, конци, игла, огледало, кукла, пегла, маса за кроење…

Ни раскажа дека порано, во неговото детство и младост, молеле да почнат некаде и да работат како чираци.

– Порано ние молевме за да влеземе чираци. Секој мајстор имаше по два – три чираци, калфи. Сега молиш да доаѓа некој, нејќе. Јас кога одев во маало како дете велев: „Сум влегол како чирак кај мајстор Невзат, значи вредам нешто.“ Се гордеевме. Некој влегол бербер, друг столар. Секој се гордееше со тоа затоа што сакаше, рече Абдуловски.

Ни објасни дека неговата работилница порано се наоѓала во куќата во Гази Баба, каде што живеел. Долниот кат бил работилница, а во горниот живееле со семејството.

Последните десет години Абдуловски работи со својот помал брат Сабит.

Посочи дека во дуќанот го земал и внук му, кој работел со него една година.

– Нејќе. Гледа дека нема перспектива од ова. Секој млад човек гледа некоја работа каде што има перспектива, каде што е платено. Секој сонува да има. Ние немаме каде да одиме повеќе. Јас имам 61 година и да сакам нешто друго да работам, не можам, рече Абдуловски.

За семејството

Кројачот Биљал Абдуловски е скопјанец. Многу одамна татко му дошол во Скопје од селото Тисовица, Општина Зелениково. Потекнува од сиромашно семејство. Неговиот татко работел во ЈП „Комунална хигиена“, а мајка му била домаќинка. Со гордост ни раскажа дека има шест ќерки, кои ги израснал, школувал и омажил со својот занает. Има вкупно 12 внуци, пет внуки и седум внуци.

За себе вели дека освен што е кројач, веќе 20 години е планинар.

– Планинарството е убаво. Забораваш на сè. Ако ти влезе мирисот на цвеќето во нос, не застануваш повеќе. Јас 20 години се занимавам со планинарство. Искачувам врвови низ Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина. Сум учествувал и на Маршот на мирот во 2017 година, во чест на загинатите во Сребреница, каде што за три дена изодев пеш 105 километри, потенцира кројачот Абдуловски.

Работа нема, се преживува

Абдуловски ни објасни дека во моментов е тешко, работа нема, едвај се преживува.

– Повеќе правиме сервис, кратење, крпење панталони или ситни поправки. Ретко некој шие. Јас за да шијам еден костум треба четири илјади денари за работна рака. За да се работи костумот рачно има работа една недела, а за три илјади денари муштеријата зема готов костум од Кина, вели Абдуловски.

Сега вели дека преживува и заработува колку за една плата. Смета дека би било уште потешко ако работи под кирија. Соработува со фолклорни групи и понекогаш им шие носии, македонски и албански.

– Сè правиме колку за да извадиме за едно парче леб, нагласи кројачот Абдуловски.

Ни раскажа дека занаетот некогаш вреди многу, па стагнира, но пак доаѓа до израз неговата вредност. Некогаш има поголема, а некогаш помала заработувачка.

– Треба да си подготвен. Кога ќе има заработувачка, ќе работиш повеќе, ќе го користиш тоа, ќе работиш повеќе, ќе правиш капитал. Сега нема толку, има колку за да се преживее. Мора да се оди на долга патека. Не треба да се откажуваме, посочи Абдуловски.

Потенцира дека опстанал со овој занает и не се откажува од него. На младите им порача да работат чесно и упорно.

– Работете, земете го занаетот. Ќе доаѓа време, ќе се исплаќа, рече Абдуловски.