Разбираме дека сигналот кој што беше даден е многу негативен и не сакаме тоа да предизвика реакција против Франција и против нејзиниот став, но таа порака треба да биде сфатена дека не станува збор за негативна активност кон Македонија. Франција смета дека сите земји од регионот се дел од европскиот континент, но неопходно е денес за ЕУ да се реформира внатре, вели во интервју за МИА Елен Конве-Муре, заменик претседател на францускиот Сенат и член на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили, која е во дводневна посета на земјава.

-Не станува збор за вето, ниту за одбивање од страна на Франција, затоа што Франција не сака да го блокира процесот, туку само се изјасни негативно во однос на прашањето, затоа што можеби денес ЕУ не е подготвена да прифати нови земји членки и неопходно е да се видат одредени критериуми кои што ќе помогнат да се пристапи кон членство и прифаќање на нови земји – кандидати, вели сенаторката Конве-Муре појаснувајќи го недоделувањето датум за Скопје и Тирана на октомврискиот Самит на ЕУ.

Во однос на можноста наскоро Париз да ги изнесе своите предлози за новата методологијата за проширување, француската сенаторка вели дека извршната власт сигурно работи на тоа, но таа како член на Сенатот воопшто не е во можност да зборува за рокови.

– Она што можам ви го кажам е дека постои потреба за ургентност за која што е свесна извршната власт во Франција за да може да се напредува колку што е можно побрзо, за да се донесе појаснување за она што се очекува од Македонија и Албанија, вели Конве-Муре.

Комплетирањето на ратификацијата на Протоколот за членство на нашата земја во НАТО во француското Собрание откако тоа го направи францускиот Сенат, Конве-Муре појаснува дека според консултациите со нејзините колеги од француското Собрание ќе зависи од агендата на Собранието, но смета дека би се случила многу брзо и не би имало никаков проблем. Сепак, не може да каже дека е тоа можно пред самитот на Алијансата во Лондон.

-Можеби, но не можам да го потврдам тоа, не можам да ви дадам точен датум затоа што моите колеги од француското Собрание немаат фиксна дата. Она што можам да ви го кажам е дека нема да има никаков проблем за гласањето во француското Национално собрание, посочува заменик претседателката на францускиот Сенат, Елен Конве-Муре.

Во видео интервјуто Конве-Муре зборува и за билатералната соработка во одбраната и безбедноста, за фокусот на Француската агенција за развој која треба набрзо да почне да функционира.

Франција стави вето на доделувањето датум за пристапни преговори на ЕУ со Македонија и Албанија. Францускиот претседател Макрон најави реформа на преговарачката процедура, но сепак, не изнесе предлози за тоа. Постои ли некој нацрт документ со кој Париз ќе излезе со конкретни предлози што би содржела новата методологија?

-Прво би сакала сепак да поправам еден збор кој што вие го употребивте. Не станува збор за вето, ниту за одбивање од страна на Франција, затоа што Франција не сака да го блокира процесот, туку само се изјасни негативно во однос на прашањето, затоа што можеби денес ЕУ не е подготвена да прифати нови земји членки и неопходно е да се видат одредени критериуми кои што ќе помогнат да се пристапи кон членство и прифаќање на нови земји – кандидати. Значи сакам да се поправи тој збор, тоа е многу важно, затоа што разбираме дека сигналот кој што беше даден е многу негативен и не сакаме тоа да предизвика реакција против Франција и против нејзиниот став, но таа порака треба да биде сфатена дека не станува збор за негативна активност кон Македонија. Франција смета дека сите земји од регионот се дел од европскиот континент, но неопходно е денес за ЕУ да се реформира внатре. Тоа зависи од Претседателот на државата и од извршната власт, а не од Собранието чиј што дел сум јас. Она што можам јас да го кажам е дека односите меѓу македонското и француското Собрание се одлични. Пред неколку дена пречекавме една делегација во Париз, јас сум овде во овој дијалог кој продолжува меѓу собранијата. Парламентарната дипломатија е многу активна, како што впрочем е активен и нашиот амбасадор кој што го пренесува ставот на Франција во Македонија и ги објаснува нашите ставови.

Во изјавите од пратениците после средбите со вас се вели дека во Франција веќе се работи на предлозите за реформа на методологијата кои би требале наскоро да бидат претставени пред ЕУ членките. Дали сепак би можеле да ни кажете да се надеваме на некаков временски рок кога би можеле тие предлози да се изнесат пред јавноста?

-Сосема е нормално по изјавата на претседателот Макрон за неопходноста да се рефомираат критериумите за членство, сосема е логично Франција да даде предлози. Извршната власт сигурно работи на тоа, но јас воопшто не сум во можност да ви ги дадам роковите. Она што можам ви го кажам е дека постои потреба за ургентност за која што е свесна извршната власт во Франција за да може да се напредува колку што е можно побрзо, за да се донесе појаснување за она што се очекува од Македонија и Албанија.

На земјите во регионот наместо полноправно членство од високи европски кругови произлезе размислување да им се понуди алтернатива која се вика „европска економска зона“ (форма на поширок европски пазар, но не и членство во политичките институции) за соседите на ЕУ, што нашата земја глатко го одби како предлог. Каков е ставот на Париз по ова прашање?

-За ова никогаш не се разговарало во француското Собрание. Јас не знам дека постои таков документ. Денес ние зборуваме за полноправно членство на Северна Македонија и Албанија во Унијата. Затоа сметам дека она што е предложено од Франција денес за реформа на критериумите, не излегува надвор од она што го кажа францускиот претседател за реформа токму на тие критериуми и не би имала ништо друго да додадам.

Вие сте автор на Извештајот во Сенатот за одбраната во регионот. Дали ваквата одлука на Франција за недоделување датум за преговори на Скопје и Тирана може да има влијание врз стабилноста и безбедноста во регионот?

-Не ми се познати моментални закани кои што се надвиснати над Македонија. Мислам дека отварањето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ не е со ништо поврзано со стабилноста во регионот и во наредните месеци не гледам што би можело да претставува закана за Македонија. Извештајот на кој што јас работев е извештај и своевидно размислување за начинот на кој ние ќе треба да ја гарантираме европската безбедност и сигурноста на европскиот континент. И се разбира дека вашата земја е составен дел од тој континент и се наоѓа во регион кој што е од големо значење од геостратешка и од политичка гледна точка. Затоа што европскиот континент денес е под одредени закани, особено од терортистички закани од кои веќе беа погодени некои земји, миграциските бранови кои што прават своевиден притисок барем на политички план во однос на абсорпцијата на тие нови населенија, и вие сте транзит зона, зона на поминување на недозволена трговија со луѓе, кои се тесно поврзани со тие миграциски текови, особено на недозволена трговија на дрога и на оружје. Сето тоа ги потхранува мафијата и меѓународната мрежа и ние ќе треба да дадеме колективен одговор на овие негативни појави, а не да ги оставиме земјите кои што се на првата линија да страдаат и да треба сами да си ги решаваат тие проблеми. Затоа е важно да постои тоа колективно размислување и таа колективна акција на европското ниво.

Процедурата за ратификација на Проколот за членство на РСМ во НАТО е во тек. Досега 26 земји членки на Алијансата ја завршија ратификацијата, а во Франција процедурата е на пола пат. (Францускиот Сенат го усвои во прво читање Предлог-законот за ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО. Останува документот да биде ратификуван и од Националното собрание при второто читање). Кога се очекува Париз да ја комплетира ратификацијата на Протоколот?

-Точно е дека ние го ратификувавмем протоколот во Сенатот без никаков проблем и јас потоа ги консултирав моите колеги од француското Собрание кои ми кажаа дека тоа зависи од агендата на Собранието и дека таа ратификација би се случила многу брзо во француското Собрание и не би имало никаков проблем.

Дали тоа би се случило пред одржувањето на Самитот на Алијансата во Лондон закажан за 3, 4 декември?

-Можеби, но не можам да го потврдам тоа, не можам да ви дадам точен датум затоа што моите колеги од француското Собрание немаат фиксна дата. Она што можам да ви го кажам е дека нема да има никаков проблем за гласањето во француското Национално собрание. Би сакала да додадам нешто во однос на претходното прашање кое го поставивте за местото на Северна Македонија во таа Европа на одбраната. Мислам дека денес потребно е интензивирање на соработката на сите нивоа, особено соработка за обука на воен персонал, за разузнавање, размена на чувствителни информации. И кога прашувате кое е местото на Македонија на билатерален план ќе ви кажам дека настојуваме да се интензивира билатералната соработка затоа што помагате во тоа со назначување на ваше аташе за одбрана во Франција, во Париз кое наскоро ќе почне со работа и среќни сме поради тоа затоа што ќе може билатерално да соработува со нашето аташе овде надлежен за овој регион.

Дали можеме да очекуваме во следниот период многу поголема воена соработка меѓу Франција и Македонија, особено со очекуваното официјализирање на нашето членство во НАТО?

-Да, се разбира. тоа се две различни работи, затоа што приклучувањето во НАТО ќе не стави во иста организација. Таму има вежби и можност за интероперабилност на армиите. Но она што е важно и на кое треба да работиме е таа билатерална соработка на теми кои се од заеднички интерес – борба против недозволената трговија која што е поврзана со борба против корупцијата што се неопходни насекаде во Европа и јазичните обуки затоа што Франција ќе помогне во обуката на македонски воени лица за да бидат потоа тие дел од мисиите во Брисел и Монс и ќе ја користат истата подготовка. Исто така македонски нуркачи ќе бидат обучени на француски бродови во Јадранското Море. Тоа ќе ни овозможи да спроведуваме одредени вежби и заеднички да соработуваме, но тоа нема да не спречи на билатерален план да немаме соработка, туку токму спротивното, многу соработка и проекти коишто се многу важни.

Француската агенција за развој е дел од француската стратегија за Западен Балкан. Дали можете да ни кажете кога се очекува таа да профункционира?

-Мислам дека има веќе еден проект за којшто се разговара со Градот Скопје за јавниот превоз. За присуството на Француската агенција за развој би кажала дека ќе се конкретизира набрзо и затоа има постојани посети. Во моментот се работи на усогласување на текстот на договорот кој треба да го потпишат двете земји. Идејата е да се спроведат проекти од областа на животната средина, а предлозите би дошле од самите земји во кои ќе биде присутна Француската агенција за развој. Таа дава помош и за проекти за еднакви можности и борба против родовата нееднаквост, затоа што тоа е приоритет на француското претседателство со Советот на Европа. Агенцијата ќе помага и во спроведување на проекти од областа на урбанизацијата, јавниот превоз и транспорт, кои ќе бидат претставени кога за тоа ќе дојде време. Можам да ви потврдам дека има одлука Француската агенција за развој набрзо да почне да делува во регионот. Тоа е нешто ново и е доказ дека Франција се интересира за овој регион и тоа не само на безбедносен план, туку и на планот на развојот.