Владата на денешната седница ја отвори расправата за Предлог-буџетот за 2020 година. Како што соопшти владината прес-служба, министрите ги презентираа програмите што треба да се финансираат од буџетот за наредната година и донесоа одлука Предлог-буџетот за 2020 година, како и Предлог-законот за извршување на Буџетот за наредната година да бидат утврдени на наредна седница на Владата која треба да се одржи идната недела.
На седницата е усвоена информацијата за купување и адаптација на деловен простор во седиштето на НАТО во Брисел за потребите на Мисијата на Република Македонија при НАТО со Предлог-одлука за купување со непосредна спогодба на недвижни ствари.
Според информацијата предвидени се 2.872.255 евра за купување 996,37м2 (878,10м2 нето) на административните простории, за паркингот и за реализација на градежните работи на адаптација.