Прашани дали живеат подобро сега, или пред 5 години, 33,5% од граѓаните велат дека порано живееле подобро, додека 32,3% не гледаат никаква разлика. 23,7% од анкетираните велат дека сега живеат подобро отколку пред 5 години, покажува најновата анкета за потребите на емисијата Детектор на Сител Телевизија.

Анкетата на Детектор покажува дека над една третина од граѓаните или 39.7% половина од својот месечен буџет трошат на храна. 28,6% од граѓаните на храна трошат 75% од своите месечни примања, а 12,4% на храна трошат само четвртина од парите кои што ги заработуваат секој месец. 12,8% од анкетираните сите пари кои месечно ги заработуваат ги трошат на храна.

Во споредба со претходната анкета од јуни, Намален е бројот на граѓани кои сите пари ги трошат на храна но уште поголемо намалување има и кај оние кои за храна трошеле само по 25% од своите месечни примања.

Во јуни на 34% од анкетираните им останувал половина месечен буџет откако ќе ги подмират сметките за храна, додека 23,6% трошеле 75% од приходите само за да се нахранат.

Почетокот на преговорите со Европската Унија и зачленувањето во НАТО ги прави граѓаните оптимисти. 41,3% од нив очекуваат стартот на преговорите со ЕУ да го подобри животниот стандард додека 46,5% се оптимисти дека стандардот ќе скокне кога земјава ќе стане членка на НАТО.

Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1101 испитаници во периодот од 25 до 29 октомври годинава со маргина на грешка од плус - минус 3%.