Гостивар доби театар и целосна поддршка од државата. За една година доби двајца директори, но нема ниту една премиера. Вработувањата и формалното започнување со работа западнаа во лавиринтите на бирократијата, но замирисаа и зачините од партиските кујни. Новиот в.д. директор најавува претстава и формирање на ансамблот.

По тој повод поведовме разговор со Висар Вишка. Тој сега е вршител на должноста директор, а на јавноста ѝ е познат како актер со улоги во повеќе балкански, европски и американски телевизиски и филмски проекти. До скоро беше вработен во Македонскиот народен театар (МНТ), а беше и советник на претходниот министер за култура Асаф Адеми. Потеклото му е од Гостивар и важи за добар познавач на уметничкиот живот во родниот град.

Основањето на Гостиварскиот театар е своевидно исполнување на повеќедецениската потреба за професионално дејствување на театарската уметност. Гостивар во минатото беше познат по аматерскиот пристап и така досега се негуваше театарската уметност. Што им донесе оваа установа на градот и на државата и какви се очекувањата?

Го направивме Гостивар град. Јас не можам да наречам едно место град ако нема театар. Ние имаме села наоколу што се поголеми од некои градови што имаат театар веќе пола век, а Гостивар, трет најголем град во Македонија, беше дискриминиран половина век. Секогаш им велев на сите, како не сфаќате дека дискриминирајќи ги Албанците, вие ги дискриминирате и Македонците што живеат во тие градови. Борбата против селските кланови организирани во политичка партија, кои го уништија Гостивар, сум ја водел цел живот. Сега дојде време кога се охрабрија младите, интелектуалците делумно и со цврста решителност ќе го вратиме градот. Уште пред да се одигра првата претстава, театарот шири енергија на промена. Решавајќи ги потребите на театарот за поголем простор се обидуваме да ги иселиме кираџиите и библиотеката. Потребен ни е тој простор, а библиотеката треба и заслужува да биде на убаво пристапно место. Со ова, меѓу другото, започнавме иницијатива да се востановат музеј и галерија на друго место. Со секој проблем со кој се соочувам околу создавањето на овој храм, јас се соочувам и се борам со тие кланови и секоја победа на правото и граѓанството како концентрични кругови се шири низ цел град. И овој храм на граѓанството и интелектуалата сè повеќе и посилно ќе зрачи.

Измина една година од одлуката на Владата за формирање на театарот. До каде се процедурите и кога се очекува оваа установа да профункционира во целост?

За нецел месец изигрувајќи и курир и архивар и влегувајќи директно по институции не сакајќи да изгубам ниту еден ден на „пишем ти писмо“ и чекај го недела-две по пошта, успеав да отворам и да затворам 21 вработување. Овој месец очекувам тоа да биде и завршено со актерите. Претходно беа направени грешки во документацијата. Благодарение на новата екипа во Министерството за финансии и во култура, кои ме трпеа овој месец, затоа што, како што им велев и ним, сите ние работиме заедно за граѓаните, театарот ќе има не една, туку две премиери во декември, со 29 вработени.

Владата од државниот буџет одобри околу 150 илјади евра (10 милиони денари) за овој театар. Дали тие средства ќе ги задоволат потребите за да се реализира програмата?

Не се 10 милиони денари, туку 4.950.000 денари. А, со дел од тие пари што ги наследив, јас треба да направам две претстави, да оспособам простории и канцеларии за вработените, компјутери, телефони. Дури и тоалетни школки, затоа што ниту вработените, ниту актерите нема каде да вршат нужда. Јас ќе почнам со најосновните човекови и работнички права, па в година ќе ги решиме другите услови.

Според предвиденото за 2019 година, Гостиварскиот театар требаше да реализира три премиери. Годината изминува, на матичната сцена не е одиграна ниту една. Зошто е тоа така, кои беа пречките?

Тоа и ние се прашувавме. Цела година немаше ниту вработувања, ниту една премиера. Затоа ме замолија во „пет до дванаесет“ да ја преземам оваа улога. Јас, за претходно, лично знаев и предупредував што ќе се случи. Познати ми беа „сценаријата“. Му кажав на министерот што ќе се случи ако го постави тој човек. И така би. Но толку од тоа. Во Њујорк ја научив максимата секогаш гледај напред.

Неодамна имавте и недоразбирања во актерскиот тим. Двајца актери бараа објаснување кој и зошто ги тргнал од подготовката на една претстава. Дали се работи за уметнички несогласувања или зад целата работа постојат други мотиви?

Не двајца, туку тројца актери, од кои еден е претходниот директор. Тие со сите сили, ниски и нелегални, се трудеа да го сменат режисерот, а со него и мене да ме тргнат од сликата, се разбира. Јас навистина не сум чул за ваква глупост. Актер, кој е одбран од режисерот и е со договор на дело, да бара да се смени режисерот! Ова беше дел од сценарио одамна спремано во политичка кујна на едни што брзо пропаѓаат во бездна. Тие не избираат средства како да растурат нешто што тие не успеале да го изградат за 18 години на власт. Но, со секој потег, подлабоко се закопуваат. Ние ова ќе го решиме институционално, преку суд. Какви и да ни се судовите, тој е мегданот.

Со оглед на вашето искуство како актер и уметник, каква иднина му претскажувате на најмладиот театар во Македонија?

Сè зависи од следните избори! Но мислам дека ветерот на промените ќе стане ураган во април!