Во издание на „Бата прес“ објавена е „Ангелите од Москополе ‒ егзилот“, втора книга од истоимената трилогија од познатата романска авторка Катја Максим. И првата и втората книга на македонски јазик ги преведе Димо Н. Димчев (Дина Кувата) и нивното објавување беше поддржано од Министерството за култура.

Дел од случувањата во романот се одвиваат во Битола, Солун и Венеција, првите засолништа на прогонетите од Москополе. Авторката и во овој роман сведочи и за големата љубов на Лиа Петреа и Коста Чегани, нивното континуирано школување и напорот влашкиот (ароманскиот) јазик, култура и историја да им ги претстават на најпознатите европски научници и интелектуалци во тоа време…

Тука се преплетуваат судбините на некои од најславните Власи, како на богатиот и контроверзен трговец и банкар Симон Сина, на професорот и едно време ректор на академијата од Москополе Теодор Каваљоти или на славниот германски историчар и теолог Јохан Тунман…

Предизвик е и документираното сведоштво за појавата на Друштвото „Македонија“, на почетокот на 19. век.

Првата промоција на делото беше во рамки на фестивалот на ароманскиот фолклор 2019 година, што се одржа во Домот на АРМ во Скопје, каде авторката Катја Максим, заедно со Аура Пиха, литературна критичарка и новинарка на Радио Романија, беше специјален гостин. За наредната година е најавено и објавувањето на третата книга од документарната трилогија, гостување на авторката и промоција на делата во Битола и Крушево, како и во Албанија (Москополе и Корча).