Министерот за култура Хусни Исмаили во обраќањето на Форумот на министрите за култура во рамки на 40-тото заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз се осврна на механизмите за промоција на културата во нашата земја и иницијативите кои поттикнуваат вклучување и културен дијалог на национално или на локално ниво.
Како што соопшти Министеството за култура, Исмаили ја спомнал актуелната Стратегија за развој на културата (2018-2022) на Министерството за култура и националното законодавство (Законот за заштита на културното наследство, Законот за културата), кои предвидуваат механизми и активности за да се обезбеди заштита на вредностите на културното наследство, еднакви културни права за сите и подобри услови за унапредување на јазичната и културната разновидност, меѓусебното разбирање и меѓукултурниот дијалог.
– Во овој поглед, Министерството за култура финансиски поддржува многубројни проекти на културни институции, невладини организации, професионалци, уметници од различни групи, кои поттикнуваат културен израз, вклучување и културен дијалог, истакнал министерот за култура.
Во контекст на промоцијата на културната разновидност на различните култури кои живеат во нашата земја, Исмаили потсетил дека во 2017 година на Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото беа впишани мултинационалната апликација „Културни практики поврзани со 1 Март – Мартинки“ и „Пролетната прослава Хидрелез“.
– Нивното впишување и промоција се цврста основа и добар пример за заемно почитување и инспирација за меѓукултурен дијалог, рекол Исмаили и како позитивен пример за интеркултурен дијалог го посочил организирањето на четирите конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог реализирани во нашата држава со финансиска и логистичка помош од УНЕСКО.
На Форумот на министри за култура, кој се одржува од 12 до 27 ноември, учествуваат повеќе од 140 министри за култура и други високи претставници. Главна тема на дискусијата е централното место на културата во јавните политики во светот и нејзиното влијание врз одржливиот развој.
– УНЕСКО, единствената агенција за култура на Обединетите нации, се враќа на традицијата на одржување министерски состаноци од областа на културата, 21 година по Меѓувладината конференција за културни политики за развој што се одржа во Стокхолм во 1998 година, наведува Министерството за култура.