Претставници на десетина европски музички академии кои се вклучени во Иницијативата 17+1 (земји од Централна и Источна Европа + НР Кина) денеска и утре во Скопје и во Штип имаат средба посветена на досегашната и идната соработка со Козерваториумот „Жејанг“ од кинескиот град Хангџоу. Организатор на форумот и претставник од земјава е Музичката академија од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Професорот Ванг Руи од Козерваториумот „Жејанг“ изјави дека дискутираат за нови начини на соработка и за идни проекти и активности. На конзерваториумот, рече, имаат студенти од Балканот на додипломски и постдипломски студии, а од земјава соработуваат со професорите Тони Китановски и Рисима Рисимкин кои имале мастеркласи. Конзерваториумот „Жејанг“ беше домаќин на првиот ваков собир пред две години, кога и се поврзаа музичките академии (по една од секоја земја членка) и е иницијатор за овој заеднички проект.

Тони Китановски, декан на Музичката академија во Штип – институцијата домаќин на дводневниот настан, изјави дека целта е да договорат план за тоа што сакаат да остварат во наредните две години.

-Почнавме со размена на студенти и професори, а сега ќе бидат заеднички турнеи на оркестри, џез-музика… Размената во Европа ние веќе ја правиме преку проектот Еразмус+, а ова е проект што го реализираме заедно со Кина. Конзерваториумот „Жејанг“ е прекрасна институција, нова и модерна, почна со работа пред три години и им треба експертиза од европска страна. Ние им помагаме, а тие од своја страна прават многу за целава иницијатива. Организираат фестивали, продукции, современ танц, оркестарска музика итн., рече Китановски.

Студентка од Музичката академија во Штип лани била цела година во Кина, а оваа година поради тоа што не добиле финансии од нашето Министерство за култура, немале пратено студент.

– Очекувам тоа да се среди, затоа што имаме отворена врата наши студенти таму да студираат бесплатно, рече деканот на штипската Музичка академија.

Двајца кинески студенти и магистранди, пак, биле во Штип еден семестар минатата година. На дводневниот форум ќе се договора доаѓање на студенти од Кина да студираат музикологија, како и современ танц, што е нова катедра на Музичката академија и ја раководи Рисима Рисимкин. Деканот додаде и дека развиваваат нови програми што сакаат да ги акредитираат на англиски јазик, како што рече – специјално скроени за нивните потреби.

Програмата на форумот ќе продолжи утре на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.