Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит в петок и в сабота ќе реализира културно-уметничка турнеја во Штип и Скопје, со програмата „Фестивал на литературата и музиката СМОШ 2019“.

На програмата ќе има македонски и хрватски традиционални песни во изведба на квартетот „Клинци Мандолинци“ кој шест години е дел од МКУ „Стоби“ Сплит, под водство на професорката Ивана Кенк Калебиќ. Квартетот го сочинуваат: Никола Митревски и Мате Кошутник (мандолина), Бригита Бановиќ (мандолончело) и Горана Клишкиќ (гитара).

Во литературниот дел од програмата ќе се претстават – во Штип книжевниците Трајче Кацаров и Долорес Кашуба од хрватско-македонското културно друштво „Либертас“ од Штип, а во програмата во Скопје – ученици припадници на хрватското национално малцинство.

Настапот во Штип е закажан за петок, 22 ноември, од 18 часот во градската библиотека „Гоце Делчев“, а програмата во Скопје е наредниот ден од 18.30 часот во Домот на културата „Кочо Рацин“.

Како што соопшти здружението, целта им е преку уметност да го промовираат мултикултурното образование и демократскиот развој со поврзување на двата пријателски народа и држави.