Македонскиот народен театар в понеделник на малата сцена премиерно ќе ја изведе претставата „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев. На сцена ќе бидат поставени десет драми за кои краткоста е главна карактеристика и критериум по кој се влезени во истоимената збирка кратки пиеси. Антологијата „Најкратки драми на светот“ е објавена пред 20 години, приредена од познатиот српски театролог Јован Ќирилов, основач и до крајот на животот селектор на престижниот театарски фестивал БИТЕФ.

Пет актери на МНТ: Снежана Коневска-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски, од десетте драми избрани за оваа претстава прават заокружена сценска слика и пресек на театарот од првата и дел од втората половина на 20 век.

Ѓоргиев во интервју за МИА вели возбудливо било да се инсценира кратка драма од овие минијатури, од кои некои и немаат издржана драматургија. Избрал десет од 40-ина во антологијата на Ќирилов, а она што ги врзува нив се темите за кои сакаат да проговорат: тоталитаризмот, љубовта, недоразбирањето, минливоста на времето…

Ѓоргиев во 1991 дипломирал актерска игра на ФДУ, а е познат и како промотор на пантомимата кај нас. Покрај актерски улоги, неговата професионална биографија бележи и дваесетина режии. Вели дека со задоволство прифаќа ангажмани во својот матичен театар, а режијата му е сè поинтересен предизвик.

Од 40-ина драмски текстови колку што има антологијата „Најкратки драми на светот“ на Јован Ќирилов, претставата содржи десет. Кои драми ги избравте, зошто токму нив и има ли заедничка тема што ги поврзува?

– Со драматургот Дарко Јан Спасов заеднички работевме на селекцијата и адаптацијата на тие кратки драми. Ги избравме токму нив затоа што она што ни беше цел и сакавме да проговориме е, пред сѐ, тоталитаризмот, љубовта, недоразбирањето, зачуденоста, факторот време како минлива или неминлива категорија итн.

Тие десет парчиња се нешто што на некој начин кај нас предизвика возбуда и можност за инсценација на токму тие кратки драми. Тука ги имаме некои познати, некои помалку познати автори – Чехов, унгарскиот автор Каринти, Герг Шпиро, Кољада, Били К. Велс, Муза Павлова, Душан Ковачевиќ итн.

Ова е фрагментарна драматургија што, според мене, понекогаш може, но и не мора да има некакво цврсто сврзувачко ткиво што ќе ја води претставата, идејата за неа или самата драматургија.

Ние се обидовме во сите нив да најдеме врзивна нотка на овие назнаки што претходно ги кажав, како што се тоталитаризмот, љубовта… Се обидуваме да направиме спој што ќе биде интересен за гледачите и на драматуршко ниво ќе кореспондира со нашата идеја за тоа што е оваа претстава.

Некои текстови се драмолети, други самиот Ќирилов ги прогласил за драми, дури и песни или дијалошки форми од народното творештво… Со оглед на нивната краткост – колку се тие сценични – податливи за сценска изведба?

– Во таа антологија Ќирилов има многу интересни забелешки за секоја кратка драма посебно, како дошол до неа, дали некого познавал, некој му ја пратил или некој специјално напишал, како на пример Душан Ковачевиќ… Она што за мене како режисер ми беше возбудливо е да пробам од овие минијатури, од кои некои содржат издржана драматургија, а некои не, да се инсценира една кратка драма.

Некои од нив имаат во себе можност за таква „екскурзија“ низ режисерска фантазија, инсценација, а за некои навистина требаше да се потрудиме, пред сѐ, да ги осознаеме на ниво на драматургија, а подоцна да видиме што е тоа што може да биде интересно како режија или актерска игра.

Јас се трудев преку формата да се дојде до суштината, што кај нас не е многу честа работа, иако како што одминува времето сѐ повеќе мислам дека кога ќе се спомне зборот форма, некои го разбираат многу погрешно. Затоа што нашата театарска школа секогаш одела по принципот на Станиславски. Но за мене лично формата како почетно зрно на креирање една улога, нека е и најкратка што може да биде, е еден пат, еден начин да се дојде до суштината.

Во оваа претстава на некој начин имавме малку отпор кон таа форма, но како што одминуваше времето и како што се ближиме до крајот на завршните работи од претставата, и самите актери, а и јас како режисер, осознавме дека преку таа форма можеме да дојдеме до многу интересни решенија. Се надевам дека така и ќе биде.

Кратките драми од таа антологија ги поставивте и пред 15-ина години и бевте награден на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани. Што е различно овојпат, ја доразвивте идејата?

– Да, но има некои реминисценции што остануваат и овде како некоја моја главна водилка во интересот за овие театарски постановки. Но, ова е нова екипа, ова се луѓе со друг сензибилитет. Таму беше во прашање аматерска дружина собрана ад хок.

Така што, овде ми се чини дека успеавме повеќе да се нурнеме – и јас како режисер, и драматургот, и актерите – во една филозофија на овие кратки форми и да го подигнеме тоа на повисоко ниво.

Овде е поразличен и изборот на драмите, некои се исфрлени, некои се додадени. Но останаа 30 до 40 отсто од претходниот избор.

Вие сте актер, режирате претстави, меѓу ретките што се занимаваат со пантомима-театар, го организирате „Панфиз“, понекогаш и нахсинхронизирате во емисии, цртани филмови… Што од сето тоа најмногу сакате да работите?

– Како што одминува времето, ми се чини дека сѐ повеќе режијата ми е поинтересен предизвик. За тоа зборуваат и моите ангажмани од изминатите години, посебно од 2015 година досега, затоа што во текот на годината јас многу повеќе се занимавам со режија отколку со актерска игра.

За среќа или за жал тоа е така, но не одбивам улоги. Не сум од тие актери коишто ќе речат: Ова е мала улога и не ме интересира. Напротив, сѐ што е особено врзано со мојата матична куќа – Македонскиот народен театар, секогаш ми е предизвик. И најмалата улога ми е предизвик. Убаво е да се биде меѓу колегите, да се соработува со нив.

А што се однесува до режијата – по премиерата на оваа претстава, почнувам во Народниот театар „Бора Станковиќ“ во Врање со постановка на „Настојник“ од Харолд Пинтер. Потоа во Бугарија – во февруари во Разград, во август во Силистра, следното лето во Словенија. Има планови и се надевам дека сѐ ќе биде во ред.