Во пресрет на официјалниот дел на 4. Министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, кој утре и задутре ќе се одржува во Скопје, министерот за култура Хусни Исмаили и кинескиот министер за култура и туризам Луо Шуганг, денеска го посетија археолошкиот локалитет Скупи од римскиот период во близина на Скопје.
– За време на посетата на локалитетот кинеската делегација имаше можност одблизу да се запознае со историјата на денешно Скопје. Во агендата на министрите Исмаили и Луо беше и манастирската црква „Св. Пантелејмон“ во Нерези, значаен споменик на културата од византискиот период чие фрескосликарство се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство. Попладнево министрите го посетија и кањонот Матка, при што кинескиот министер за култура и туризам, Луо со својата делегација беа запознати со ретките природни богатства на паркот Матка, како и со духовното и културно наследство преку манастирите и црквите во овој комплекс, соопшти Министерството за култура.
Четвртиот министерски форум за културна соработка на Процесот „17+1“ официјлно ќе почне утре со панел-дискусија во 10 часот во хотел „Мериот“ во Скопје. Високи претставници, министри, заменици-министри и други членови од сите земји членки на процесот ќе учествуваат на Форумот на кој се предвидува да биде усвоена Скопска декларација за соработка во следните две години.
Во попладневниот дел од Форумот ќе биде презентирана веб-платформата на Координативниот центар за културна соработка, како и проект за културен туризам. Во рамките на првиот ден, учесниците на Министерскиот форум на Иницијативата „17+1“ ќе го посетатат Музејот на современата уметност, а во вечерните часови ќе присуствуваат и на концерт на Филхармонијата.
Форумот ќе продолжи во вторник во 10 часот во Археолошкиот музеј каде што по разгледувањето на постојаната поставка, ќе биде затворен со изјави на министрите Хусни Исмаили и Луо Шуганг.