Психологот Мерал Мусли Тајроска е една од ретките жени можеби на Балканот што се занимава со превенција на насилен екстремизам и ресоцијализација, но во нејзиниот фокус се и родовите прашања. Мусли Тајровска е сопруга и мајка на две синчиња. За себе вели дека не би можела да успее во својата работа доколку нема поддршка од семејството и од пријателите. „Моите синови Малик и Зејд се првите луѓе кои сакам да се гордеат со моите постигнувања, а следни се сопругот и моите родители, кои постојано ме туркаат напред“, потенцира Мусли во интерјуто за МИА. Следниот нејзин главен предизвик е новоформираното Здружение за активен и здрав развој на жени и деца Плеиадес.

Госпоѓо Мусли, вие сте психолог што работи на превенција на екстремен радикализам и ресоцијализација, но истовремено и борец за родова еднаквост. Сопруга сте и мајка на две деца. Кој е вашиот пример за успех, имајќи предвид дека од она што можев да го видам за вас, доста сте успешна во тоа што го работите?

Ви благодарам за убавите зборови. Интересен факт е тоа што кога и да се наоѓам во работно друштво или место каде што се наоѓаме со жени кои се во бизнис-секторот, првото прашање што ми го поставуваат е кој ти ги чува децата. Сметам дека тоа прашање е поттикнато од чувството на вина што обично мајките го чувствуваат што ги оставиле децата дома или поради тоа имаат повеќе активности вон семејството. Во мојот случај кога и да се наоѓам во работна позиција, или ако сум на конференција каде што зборувам за мојата работа, се трудам да се фокусирам на мојата работа во тој момент. Сакам да направам или, поточно кажано, да ги разграничам улогите што ги имам во одредени ситуации и ако сум на таа конференција, гледам да бидам човек што си ја работи работата, меѓутоа штом се вратам дома, веднаш се впуштам во улогата на мајка и сопруга. Така што се трудам тие работи да ги разграничам.

Зошто одбравте родовите прашања да бидат дел од вашиот фокус на дејствување?

Тоа е поттикнато од баба ми, мајка ми и тетка ми, зборувам за три генерации нешколувани жени, кои во текот на својот живот претрпеле родова нееднаквост. И токму поради тоа искуство што го имале не сакаа истото да им се случува на нивните ќерки. И затоа братучетка ми, сестра ми и јас сме баш спротивното, односно жени кои се школувани и со високо образование. На некој начин ние бевме тие првите кои го скршија тој синџир на традиционално општество и требаше да се пронаоѓаме и да градиме нов идентитет за себе. Морам да го спомнам и татко ми, кој најмногу се залагал да се стекнам со високо образование и имам интересни спомени од тоа што за него немало спортски активности што им припаѓаат само на машки деца или се наменети само за нив, туку тие работи сме ги правеле заедно без разлика на тоа што јас сум била женско. Тоа се должи најмногу на нив, меѓутоа влијаат и многу фактори што ме обликувале мене во текот на животот.

Мошне ретко кај нас се сретнуваат експерти кои работат на проблематиката на екстремен радикализам, без разлика од каде доаѓа тој, жените се дури и исклучоци. Кој беше поводот да почнете да работите на превенција од екстремен радикализам и ресоцијализација?

Па тоа се должи на неколкуте терористички напади во светот и начинот на кој медиумите ги прикажуваа муслиманите, што се коси тотално со сликата што јас ја имам за исламот и на некој начин тоа кај мене разбуди еден вид револт и навистина сакав да преземам што било во врска со превенција на насилниот екстремизам. Во 2016 година најдов можност да бидам дел од организацијата „Жени без граници“, која се залага за тоа да ги става мајките во преден план и тие да станат градители на мирот во нивните домови, во општеството и во светот, така што на тој начин мене ми започна кариерата, поточно попрофесионално да се занимавам со екстремниот радикализам.

Имате ли порака за младите девојки и жените, без разлика дали е во прашање приватниот живот или професионалниот?

Па знаете како, тие што ме познаваат и што се околу мене обично знаат дека мотото ми е the future is female, односно дека иднината им припаѓа на жените и дека сметам дека е време жените ако можат да имаат големи сништа и очекувања од себе, време е да ги реализираат тие сништа, не е секогаш лесно, но добро е да се опкружат со слични визии за иднината и сметам дека барем како што беше во мојот случај ќе се најдат вистинските луѓе кои ќе ги препознаат тие квалитети во нив за да им помогнат, нели, во текот на кариерата.

Како успевате да балансирате меѓу приватниот и професионалниот живот? Имате две мали деца, семејство, сопруг, од друга страна мошне сериозни обврски. Веќе ги споменавме проблематиките на кои работите изминатиов период.

Морам да признаам, не ми е баш лесно, особено кога не стигнувам дома да ги заспијам децата. Сепак, не се трудам да се дотепам заради таа работа, туку напротив гледам тие моменти што сум ги пропуштила да ги надоместам со други активности. Или исто така што сум видела дека добро влијае на синовите, е нивното вклучување во мојата работа. Односно кога се поволни условите, Малик и Зејд се тие кои доаѓаат на работа и гледаат со што се занимавам. Истото важи и за мојот сопруг, се случува семејни членови да се вклучат во гледање на децата барем да можеме да испиеме едно кафе надвор од домот и мислам дека тоа на некој начин е компензација за сите тие пропуштени моменти.

Кои се вашите следни предизвици?

Има повеќе, меѓутоа ќе се фокусирам на тоа започнав со сопствена невладина организација со мојата партнерка Наташа Димеска, која е докторанд за истражување случаи и форензика во случаи на сексуално злоупотребувани деца, така што најдов соодветен партнер кој има иста визија како мене. И невладината која ни се вика Плеиадес е основана со цел да ги поттикнува жените, односно засилување на улогата на жените во општеството. Втората цел ни е превенција на насилен екстремизам со акцент на ресоцијализација и третото на кое ќе се фокусираме е сексуално злоупотребувани деца од аспект на истражување и форензика. Се обидувам настаните што се случуваат во мојот живот да не ги префорсирам и веројатно искуството го направи своето и сакам работите да ги направам пополека, чекор по чекор, и да си дадам време за моите деца, сопругот и родителите и пријателите. Ќе видиме што ќе донесе иднината.