Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли в среда на пленарна сесија во Стразбур ќе го соопшти името на добитникот на наградата за филм на Европарламентот „Лукс“ за 2019 година, во чија конкуренција е и „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, копродукција меѓу Северна Македонија, Словенија, Белгија, Хрватска и Франција.

Како што јави дописникот на МИА, покрај „Господ постои, името и е Петрунија“, кој е прв македонски филм во најтесниот избор за „Лукс“, во конкуренција се и „Cold Case Hammarskjöld“ на Мадс Бругер во копродукција на Данска, Норвешка, Шведска и Белгија и шпанско-францускиот „El reino“ од Родриго Сорогојен.

Европскиот парламент ги покрива трошоците за превод на трите филмови на 24 официјални јазици на ЕУ и за изработка на нивна дигитална копија за секоја од земјите членки на Унијата, а победничкиот филм ќе биде адаптиран и за лица со оштетен слух или вид и ќе добие дополнителна промоција.

Целата на наградата „Лукс“, која првпат е доделена во 2007 година, промоција на европското кино, поддршка на ширењето на европските продукции и стимулирање на дебатата на ниво на целиот континент за главните политички и општествени теми. Победникот на филмот го избираат европратениците.