Фиона Сампсон е една од најзначајните британски писателки. Неодамна беше во земјава, откако беше прогласена за лауреатка на поетскиот фестивал Денови на Наим, кој се одржува во Тетово. Во ова интервју за МИА ни раскажа за впечатоците од фестивалот, како и за својот врвен придонес кон светската книжевност.
Првпат Ве сретнав на една преведувачка работилница на Струшките вечери на поезијата во 2005. Годинава бевте лауреатка на меѓународниот поетски фестивал на албански јазик Денови на Наим (Ditët e Naimit) во Тетово. Сите сме чуле за СВП, но не знаеме многу за тетовскиот фестивал. Кои беа другите учесници? Што Ви остави најголем впечаток?
Да! Се запознавме во Струга и, се разбира, соработувавме кога ја преведовте „Далечината меѓу нас“, толку суптилно и природно. Многу сум благодарна поради тоа. Оттогаш објавив уште неколку книги и учествував на многу поетски фестивали низ Европа, па сè до Кина. СВП е голем и многу познат фестивал со горда историја како водечки фестивал и во Македонија и на пошироката територија на поранешна Југославија; всушност, би рекла и во цела Европа. Поетите ги опишуваат Струшки и Медејин во Коломбија како двата најголеми фестивали. А Струга мене навистина ми го смени животот, особено во тој период од кариерата. Таму стекнав многу длабоки и трајни пријателства.
Но, како што кажав, сум била и на многу други меѓународни фестивали (а и раководев со еден) и, од сите нив, Денови на Наим ми остави особено длабок впечаток. Се одржува на две места. Во Тетово и во град во Албанија: годинава, тоа првпат беше Корча. Претходно бил Поградец. Има големи јавни сценски читања пред бројна публика, како и промоции на книги, разни награди за најдобра песна, најдобар поетски циклус итн. Има и време за триесет и петте поети од цел свет да се запознаат едни со други. Организацијата на фестивалот е извонредно добра: крајно професионална и срдечна. Наградите – вклучувајќи ја и лауреатската, наречена по Наим Фрашери, којашто бев пресреќна и почестена да ја добијам – се доделуваат прописно, на објективна научно-книжевна основа, од жири независни стручњаци што се состануваат неколку месеци пред фестивалот за да ги разгледаат делата на поканетите поети. Ми се допаѓа ваквата книжевна практика што е проѕирна и не е непотистичка.
Гледам колку голема разлика прави јазикот околу приемот на овој 23-годишен фестивал во Македонија. Медиумите што се на албански јазик, и во Македонија и во Албанија, известуваат за фестивалот. Основачот и директор на фестивалот, Шаип Емерлаху, ни објасни дека имаше рамнотежа на списокот поканети: поет и поетеса од Македонија што пишуваат на македонски; двајца албански поети; поетеса од Израел и поет од Палестина; поетеса што пишува на малајски и поет што пишува на курдски; поетеса од Кореја и поет од Мексико што живеат во САД, како и поети од Романија, Франција, Италија, Босна, Хрватска и Велика Британија.
Меѓу многуте одлични поети, особено му се восхитив на поетот лауреат на Синсинати, Мануел Ирис, роден во Мексико, и на поетесата Антоан Симон од Франција. Една причина што наградата „Наим Фрашери“ ми е бесценета е што меѓу претходните добитници биле Исмаил Кадаре, Ева Липска, Лајонел Реј, Абделатиф Лааби и Туа Фоштром. Ова е список исклучителни имиња што укажуваат на високата репутација на Денови на Наим.
Мора да кажам дека овој фестивал е одлично поставен покрај другите важни книжевни фестивали во Македонија, како ПрозАрт и, секако, СВП како уште еден прекрасен, гостољубив културен амбасадор на Македонија, вашата прекрасна земја што сè уште ми е во срцето.
Седум години го уредувавте најпознатото британско поетско списание Поетри ривју, основано во 1912. Бевте уредничка од 2005 до 2012, првата жена на уредничката позиција по Мјуриел Спарк, која го уредувала од 1947 до 1949. Освен да ги читате пристигнатите илјадници песни со различен квалитет, што друго очекувавте со нетрпение додека патувавте на работа од Оксфордшир до Лондон во тој период од животот?
Многу го сакам книжевниот живот. Ги сакам книгите, го сакам читањето и дружењето со писатели. Сакам да иницирам нешта – фестивали и проекти – а пред сè сакам да правам книги. Многу ми се допаѓаше списанието, кое излегува четирипати годишно: мазната тенкоизбраздена хартија, нејзините свежо исечени рабови, тежината на секое издание кога пристигнуваа службените примероци и кога ја отворавме кутијата и го мирисавме мастилото. Беше прекрасно да се биде одговорна за сè, од дизајнот, ангажирањето писатели, уредувањето на нивните рецензии и проза, до избирањето песни. Читав 60 000 самоволно пратени песни годишно. На крај ги објавувавме навистина најдобрите од најдобрите, а мило ми беше што успеав и да ја подобрам продажбата. Списанието отсекогаш било најстарото и најчитаното во земјата – најавторитетното за поезија – но пресреќна бев што драматично го зголемив и тиражот, што ги објавував најдобрите текстови без оглед на кој правец или генерација им припаѓаат, што објавував многу повеќе жени и писатели од малцинствата, како и многу, многу повеќе поети што никогаш порано не биле објавени во списанието или уште немаа објавено прва книга – како и што се обидував да ја поставам британската книжевност во светски рамки.
Точно е и дека патував од Оксфордшир. Горда бев што работев во метрополата, а живеев надвор од неа; за да му се опирам на чувството дека околината е неважна или, пак, дека сè друго во Британија, освен централен Лондон, е провинцијално и безвредно. Секогаш сум по малку револуционерна…
Вашата биографска книга „Во потрага по Мери Шели“ (2018) наиде на одличен прием кај критиката и беше преведена на неколку јазици. Сега пишувате биографија на Елизабет Барет Браунинг, чиешто објавување е закажано за 2021. Зошто овие жени?
Всушност, Мери Шели не ја избрав јас: таа ме најде. Уште во 2011 уредив збирка поезија од Перси Биш Шели за едицијата „Поет кон поет“ на Фабер. Тоа беше книга на која уживав да работам, бидејќи најдов начини да го „дешифрирам“ неговиот поетски проект, барем за самата себе: идеите што ги поврзуваа неповрзаните сегменти од неговиот живот и дело. Всушност, видов дека е преокупиран со процесот на самите промени, а не со содржината на каква било конкретна промена: социјална, биохемиска, политичка, емоционална… Ги образложив овие идеи во мојот вовед кон книгата. Како резултат, кога британските издавачи на тоа што стана „Во потрага по Мери Шели“ сфатија дека се наближува двестегодишнината од првото издание на Франкенштајн, ми се обратија со барање да напишам биографија на Мери.
Имав голема слобода во однос на содржината и уште на почетокот знаев дека нема да се раководам од вообичаениот редослед датуми нанижани „од колепка па до гроб“. Не ме интересираат книги што се ограничуваат на тоа. Немам чувство дека самото истражување е некакво книжевно дело. Јас сакав да напишам книга, нешто за читање; не само да бидам историчарка. На крај прерасна во психолошка биографија. Внимателно го собирав сиот архивски материјал, а потоа се задлабочував во него како кога читате книжевен текст. На мигови се чувствував како детектив, а другпат небаре набљудувам луѓе. Постојано се прашував: Како ли мора да било? Го поставував ова прашање на секој документ што ќе го најдев за неа, од метеоролошките до емоционалните, од историјата на текстилот до историјата на книжевноста.
Сакав да знам како ли мора да било да си тинејџерката што успеала да создаде не само еден туку два трајни обрасци: преамбициозниот Франкенштајн и неговото не така човечко суштество, како и на еден цел нов жанр – научна фантастика. Така, прерасна во книга за создавањето на имагинарното; на еден несвесен ум.
Наспроти тоа, пишувајќи за Елизабет Барет Браунинг гледам дека книгата е за создавањето на свесен ум. Кога пишував за Мери Шели, неизбежно се среќавав со тоа што значи да се биде жена писател. Во животот на ЕББ (како што си се нарекувала самата себеси), како личност што се издигнала наспроти сите пречки за да стане енормно успешна, енормно влијателна, светски позната личност – и чија врвна репутација во книжевната историја верувам дека е заслужена – овие стеги стануваат уште поочигледни. Родена е само девет години по Мери Шели, но е викторијанска писателка, а не романтичарска; и јавна личност од книжевноста, наместо анонимна. Се здобила со висок углед речиси без никаква помош, а сепак се соочувала со многу од истите проблеми што ние, писателките, сè уште ги забележуваме и денес. Биографијата што ја напишав за неа, „Внатрешен живот“, ќе излезе в година; во мигов работам на конечните поправки.
На почетокот на кариерата, го основавте меѓународниот поетски фестивал Абериствит, како и ревијата за современа европска книжевност Ориент експрес. Имате објавено речиси 30 книги и сега предавате поезија на Универзитетот во Рохамптон. Што би им порачале на младите во Македонија што сакаат да станат подобри поети и писателки?
Верувам дека пишувањето, а особено поезијата, често почнува како самотничка фантазија, но најдобро функционира како колективна култура. Фантазијата е наследство од романтизмот и култот на личноста. Но, книжевноста, всушност, е како почва. Се создава со препокривање на практиките на рецензирање, уредување, преведување, објавување – како и со пишување во сите жанрови и медиуми што ни се на располагање. Наместо да измислуваат културна топла вода, добрите писатели се длабоко вкоренети во книжевноста, идеите и уметноста на своето време и место – а и во минатите и меѓународните дела. (Овие, последниве, лесно ги забораваат помладите писатели кога ќе ги постигнат првите услеси, нели?) Како што Т. С. Елиот (речиси) рекол, „Добрите писатели крадат“. Напредувате како писател не кога си мислите, еве, открив во што е трикот и сега ќе се повторувам цело време. Туку тогаш кога постојано сте гладни. Тоа што веќе сте успеале да го создадете вчера не е доволно. Создадете нешто повеќе (подлабоко, подалеку) денеска!
Мислам и дека кога ѝ припаѓате на помала јазична култура – во светски рамки – е и привилегија и стапица. Предноста е што сето тоа што го правите е важно. Придонесувате кон културата на начин што веднаш се гледа, дури и кога ќе објавите само една песна во списание. А особено кога сте млади, не мора да се борите со конкуренција од 66 милиони луѓе, како ние во Британија, или 330 милиони како во САД, за да си најдете малку место и го дадете тој свој придонес. Но стапицата, секако, е творечката самобендисаност – тоа што ние го викаме „голема риба во мала баричка“.
Најчесто патувате со воз, освен кога мора да се возите со автобус, каков што беше случајот од Белград до Скопје. Кои се Вашите погледи на климатската криза? Начинот на кој британските медиуми пишуваат за неа? И, кога сме веќе тука: Брегзит?
Многу сакам да се возам со воз. Првото нешто што го објавив во животот беше едно кратко парче проза за патувањето со воз и како ваквите патувања се украдено време. Веројатно ме смирува како бебе движењето на возовите; ги сакам приказните на пејзажот и културата што се протегаат пред прозорецот. Одамна верувам дека летањето е проблематично и поради фосилното гориво што го согорува и поради невистинитиот впечаток што го дава во врска со светот. Како да си телепортирана на друго место – најчесто некој град – без никакво чувство за тоа како земјите се поврзани и како ги поврзуваат и градовите.
За климатските промени се пишува многу во Обединетото Кралство. Требаше некое време за Би-би-си, конкретно, да прифати во својата корпорациска глава дека балансираното известување не значи да пишуваат дека „овие велат вака, оние онака“, туку да пренесуваат факти. Во изминатите четири години почнаа да известуваат за негирањето на климатските промени како за општествен феномен, проблем за кој вреди да се пишува, наместо како едно од две подеднакво веродостојни толкувања на геофизичките феномени.
Така работите тргнаа наопаку и со Брегзит. Делумно беше култ на личност: Им беше „позабавно“ да пишуваат за керефеките на Најџел Фараж и Борис Џонсон одошто да пишуваат за здодевната стара вистина. Би-би-си не успеа (и сè уште не успева) да известува за лагите на брегзитерите како за лаги; известуваа за нив како за алтернативни, можни факти. Најпознатиот пример за ова е лагата за тоа колку пари ќе заштедиме ако не сме во ЕУ. Би можеле да тврдите дека е добро да не бидеме во ЕУ од други причини (иако би биле будали ако тоа го направите!), но не може да ја тврдите таа бројка како фактичка причина за заминување од ЕУ, затоа што тоа не е факт.
Исто така, новинарите станаа блиски до политичарската класа – и го користам зборот „класа“ намерно, бидејќи, статистички гледано, најчесто и едните и другите учат во истите неколку познати приватни училишта. Ова значи дека не им се противат на лагите ниту, пак, трагаат по факти како традиционалните истражувачки новинари, бидејќи ако го сторат тоа, ќе изгубат пристап или пријателства или целата сложена класна мрежа што останатите 66 милиони жители нè држи да си седиме каде што ни е местото. Ако сакате да знаете како функционира Британија, дури и во 21. век, прочитајте го прекрасниот циклус романи на Ентони Пауел за тоа како класата си се одржува, „Танц на музиката на времето“.
Јас сум посветена поддржувачка на Европа затоа што сум посветена интернационалистка и голем дел од животот го минав придонесувајќи кон обидите да се втурне англофонската отсеченост во меѓународна поврзаност, барем во книжевната сфера. Па така, на лично ниво, ова ми се чини како да пропаднало едно животно дело.
Како што ќе дознаете, јас – како и повеќе од 50 проценти од земјата што, да ни дадат втор референдум, би гласале против Брегзит – сме очајни во врска со овој стравотен чин на уништување што неколкумина го вршат врз останатите. Ужас.