Во култниот Сатиричен театар во Софија, на 1 и 2 декември ќе одржана премиерата на светската изведба на најновата драма на македонскиот драматург Јордан Плевнеш Глобална комедија. Драмата е во режија познатиот француски режисер Патрик Вершурен, а главните улоги ги толкуваат бугарските актери Јорданка Стефанова, Теодор Елмазов Росица Александрова и Богдан Казанџиев. Сценографијата е на Бојана Семерџиева и Кирил Наумов, звучниот дизајн е на Мартин Каров, автор на сонговите за претставата е Константин Плевнеш, видеото е дело на Милчо Узунов.

По повод на оваа праизведба Плевнеш изјави: „Еден од најсмешните настани од светскиот театар на седумдесеттите години на XX-от век е предизвикан од легендарниот француски актер Мишел Симон и тоа е основа на Глобална комедија. Настанот бил толку смешен што можел да предивика светска револуција во односите Актер-Публика. Ја напишав оваа пиеса со убеедување дека: ако убавината не може да го спаси светот, хуморот може да го спаси човекот во безмилосниот глобален свет.“

На премиерата во Софија ќе присуствуваат и француските актери Филип Морино и Наташа Машкиевич, од парискиот театар Белвил, кадешто Глобална комедија ќе се игра во текот на следната театарска сезона.