Министерот за култура Хусни Исмаили во Музејот на македонската борба присуствуваше на свеченоста организирана по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Денешниот настан, нагласил министерот Исмаили во обраќањето пред присутните, претставува мал, но многу значаен потсетник за важноста на една категорија луѓе кои се околу нас.

– Луѓе кои се многу талентирани во различни области, личности кои со својата различност ја чекаат својата можност да бидат рамноправен дел од нашето општество и сите негови сфери, рекол министерот Исмаили.

Како што соопштија вечерва од Министерството за култура, тој додал дека грижата за културните потреби на овие лица е еден од приоритетите на Министерството за култура, со што и Министерството и институциите од областа на културата се отворени за соработка и за иницијативи со цел да се унапреди културното живеење на лицата со хендикеп.

Организатори на концертот со наслов ,,Еднаков предизвик”, со поддршка од Министерството за култура, беа невладината организација „Хендикеп плус“ и продукцијата „Александер АРП“.

На свеченоста е промовирана и песна со видеоспот во изведба на Александар Ристевски-Принц посветен на лицата со хендикеп, а се доделени и благодарници, меѓу кои и за Министерството за култура и за министерот Хусни Исмаили.