Изградба на локален пат од село Ржаничино до месноста Ќојлија, на атмосферска и на фекална канализација, се трите проекти што ги реализира општина Петровец преку Програмата за рурален развој. За оваа намена преку Платежната агенција се одобрени 49,2 милиона денари.
Како што изјави директорот на Агенцијата, Николче Бабовски, кој заедно со градоначалникот Борче Митковски и потпретседателот на Собранието, Зеќир Рамчиловиќ изврши увид во реализацијата на проектите, дел од жителите на општина Петровец, околу 500, прв пат ќе добијат атмосферска канализација. Исто така, прв пат ќе се гради и локалниот пат од Ржаничино до Ќојлија со што над 1.000 жители ќе добијат квалитетна инфраструктура.
-Парите наменети за развој на руралните средини ги вложуваме во развој на руралните места. Граѓаните од сите делови на државата, без оглед дали се од рурални или урбани средини, заслужуваат да имаат еднакво квалитетни услови за живот. Со средствата од буџетот преку реализација на капитални проекти работиме на создавање рамномерен регионален развој во сите делови од земјата. Наша обврска е преку мерките и политиките да ги мотивираме граѓаните да создаваат сопствени бизниси и да ги развиваат и малите рурални средини. Само со создавање квалитетни услови за живот може да влијаеме врз намалување на одливот на младите, односно да ги задржиме во родните огништа, рече Бабовски.
Според него, во речиси сите општини или привршуваат тендерските постапки или се во полн ек со реализација над 200 проекти во вредност од 38 милиони евра.
-Овие проекти се од огромно значење и во целост ќе им помогнат на жителите, истакна градоначалникот Митковски и информираи дека во завршна фаза се два од трите проекти во Општина Петровец.