Имајќи ги предвид економските околности и големата потреба за инвестиции во економијата на земјата општината Чучер Сандево нема административни капацитети да се справи со барањата на домашните бизниси, каде што имаме одолговлекување на управни процеси кои претставуваат огромни финансиски трошоци, но и трошење на времето како битен ресурс на деловните субјекти, соопшти денеска Стопанската комора на Северозападна Македонија во осврт на проблемите на бизнисмените од индустриската зона Визбегово.
За СКСЗМ, како што велат, е скандалозен фактот дека Советот на општината донел Програма за уредување на градежното земјиште во Општина Чучер-Сандево за 2019 година, а согласно со член 4 од Правилникот за степенот на уредување на градежното земјиште, со која се предвидени повисоки износи споредбено со другите општини во држвата каде даночната основа за метар квадратен се проценува на 700 евра, износ кој не одговара со реалната вредност. Според програмата, за бизнисите од категоријата Б1, Б2, Б3 и Б4 и се пресметува цената за метар квадратен од 30 евра, додека за категоријата Г – за субјектите на производство, дистрибуција и услуги Г1, Г2, Г3 и Г4, тие се пресметуваат со коефициент 0,05 за метар квадрат, односно 35 евра за квадрат. Со овие цени, истакнува СКСЗМ, инвеститорите не се во можнос да ги извршуват своите проекти во оваа општина, бидејќи оценувањето е нереално и е надвор од секоја правна норма.
Од СКСЗМ апелираат да се унифицираат општинските давачки за бизнисите во најкус можен рок според моделот на општини кои се слични на Општина Чучер Сандево како што се Чојлија, Илинден, Бутел и Карпош, да се одземат овластувањата на секторот за урбанизам во оваа општина, а релевантните институции да се справат со случајот со цел да се идентификуваат евентуалните злоупотреби на службената позиција за конкретниот случај.
СКСЗМ наведува дека за сериозноста и важноста на зоната Визбегово говорат податоците кои покажуваат дека таа генерира обрт од над 340 милиони евра, нето-добивка од над 22 милиони евра, со над 2600 вработени и со просечен тренд на раст на обртот од седум проценти на годишно ниво и учество од околу 3,4 проценти во бруто домашниот производ во последните години.