Националната опера и балет со јапонски грант од 663.000 евра, кој беше официјализиран минатата недела, ќе добие нови инструменти за својот оркестар од 75 члена. В понеделник ќе ја прикаже првата албанска опера „Скендербег“, која е нарачана за 550 години од смртта на историската личност и требаше да биде изведена лани. Пред 20 дена на гостувањето во Сараево со „Кармина Бурана“, пак, НОБ го урна речиси 50-годишниот рекорд на посетеност на музичко-сценска претстава во „Скендерија“ и доби покана да гостува и во Истанбул.
Тоа се неколку поводи за интервју на Васо Ристов, кој 15 месеци е генерален директор на НОБ, а во институцијата што сега ја раководи работеше 25 години како прв трубач солист до 2010-та кога стана професор на Факултетот за музичка уметност на отсекот труба. Селектор е и на музичката програма на „Охридско лето“ во изминатите две изданија на фестивалот.
Ристов за МИА вели дека патувања и настапи надвор можат да си дозволат само кога финансиите се на товар на домаќинот, како што беа гостувањата во БиХ минатиот месец и во Бугарија лани. Затоа што сѐ уште не можат да се ослободат од насобраните долгови кон доверители и се соочуваат со извршители и тужби. Од наследените 800.000 евра долг, вратени се 200.000.
Се трудат, вели, тоа да не влијае на работата и на репертоарот на НОБ. Задоволен е од зголемената продажба на билети и од посетеноста од публиката, која беше бројна и во саботата на гала балетскиот концерт придружен со изложба за 70 години постоење на македонскиот Балет. За поддршка од Министерството за култура во 2020 година аплицираат за премиери на две оперски и две балетски претстави.
Со грантот од 663.000 евра од Јапонија, НОБ ќе добие опрема за озвучување и осветлување и првпат нови и различни инструменти. Почна ли набавката, кои инструменти ќе ги добијат музичарите и кога се очекуваат?
Во договор сме со Јапонската агенција за меѓународна соработка „Џајка“ за официјалниот список. Ќе имаме речиси комплет ударни инструменти кои ги немаме комплетни зашто се многу и постојано ги изнајмуваме од Филхармонијата, ФМУ и од Воениот оркестар. Со оваа донација ќе го решиме тој проблем. Знаеме дека ќе нема маримба зашто е многу скапа, но ќе добиеме харфа која ја немаме, а е исто така многу скапа. Ќе добиеме контрабаси и други инструменти.
Шеесет земји аплицираа и нашата установа влезе во најтесен круг меѓу петте земји избрани за грантот од Јапонија. Кога аплицирав во СЕП (Секретаријат за европски прашања), целта ми беше да добиеме комплет инструменти за оркестарот, но како почнавме да контактираме и овде да доаѓаат консултантски групи и извршни директори од „Џајка“, ни предложија да не набавуваме за целиот оркестар комплети инструменти – дувачки, гудачки, ударни, лимени. Прошетаа низ салата и го видоа нашето светло, озвучувањето кое е никакво, столовите на кои седат уметниците и на какви пултови свират, и ни дадоа совет дека е можеби подобро да се набави и тоа. Прифатив, затоа што уметниците навистина заслужуваат да седат на професионални столови и да свират на професионални пултови.
Кога аплицирав, идејата ми беше инструментите да бидат сите од јапонската „Јамаха“, но на нивни предлог ќе има и од уште две доста квалитетни компании од Франција и САД. А опремата за озвучувањето ќе биде целосно од Јапонија. Инструментите ќе ги добиеме многу побрзо од тоа што ни кажаа. Првичната информација беше во 2021/2022, но на последниот состанок извршнот директор на „Џајка“ ми рече дека ќе ги добиеме најдоцна до декември 2020.
Ваква обнова на инструменти сме немале во НОБ. Колегите досега свиреа на свои инструменти, како што и јас сум свирел. Во 2005/2006 кога бев уметнички директор на Опера, а тогашен генерален директор беше Мирко Стефановски, успеавме преку Германската амбасада да добиеме алт-тромбон и две труби, во 2006 преку Амбасадата на Австрија добивме четири хорни. Диригентот Тошио Јанагисава од Јапонија, кој беше ангажиран кај нас, лично ни донираше кларинет што чини над 3.000 евра. Тоа е сè што претходно сме добиле од донации.
Со премиерата на „Скендербег“ на 23 декември ја завршувате 2019. Тоа ќе биде прва албанска опера во НОБ. Најавувана е веќе две години и требаше да се случи лани. Зошто доцни и дали се доделени дополнителни средства за постановката?
„Скендербег“ е нарачана од албанскиот блок и почна да се подготвува во 2018 година. Претходниот в.д. директор аплицирал во Министерството за култура за да влезе во Годишната програма, но зашто тогаш немало целосна документација за „Скендербег“, не се добија средства. Идејата беше за лани, но операта не беше напишана и тоа се одложи за 2019.
Оваа година се договоривме со авторите, аплициравме и добивме буџет од 3,5 милиони денари за „Скендербег“. Засега тоа е единствениот буџет за оваа премиера. Дали ќе бараме уште – најверојатно ќе бараме, бидејќи 3,5 милиони се малку средства за која било премиера. Се зголеми бројот од првично планираниот за балетски играчи, за хористи, за потребите во сценографијата. Кога се појавуваат други идеи, тоа ги крева цените.
„Скендербег“ премиерно ќе биде изведена на 23 декември во 20 часот. Операта е во два чина без пауза и трае еден час и 15 минути. Таа е прва опера од албански автори во Националната опера и балет. Се пее на албански јазик, солистите во кастингот се сите Албанци – од Албанија, Косово, од нашата земја. Композитор е Фатос Лумани, диригентот е со потекло од Тирана, а живее во Велика Британија. Уметниците се докажани и познати. Беше планирана и Инва Мула, но од здравствени причини откажа.
Колку успеавте да се раздолживте за насобраниоет долг и дали тој влијае на работата и на репертоарот на НОБ?
Наследив долг од околу 800.000 евра направен во последната деценија. Веројатно сите претходни директори кога се правеле премиери, обнови на претстави, земале материјали од доверители што не ги плаќале и така долгот се зголемувал цело време.
Голем долг е 800.000 евра и сега имаме притисок од тие доверители. Пуштаат тужби зашто ако им истечат три години, им пропаѓаат парите. Факт е дека добиваме извршни решенија, тужба, преттужба. Извршители ни тропаат на врата. Откога сум дојден, успеав да вратам околу 200.000 евра. Можеби и повеќе, ќе покаже извештајот на крајот од годинава.
Добив убава информација дека Министерството за култура ќе помогне со 15 милиони денари со буџетот за 2020, за да можеме да ги покриеме извршните решенија. Министерството за култура ги покрива трошоците за струја, парно, вода за нашиот објект кој има над 30.000 квадрати, а со сопствени средства работиме тековно и за сè што треба да се купи како потрошен материјал.
Трошоците се сведени на минимум, а резултат на враќањето на долгот за овие 15 месеци се вработувањата што ни ги одобри Владата. Вработивме 74 хонорарци и имаме 25 унапредувања во сите шест сектори во НОБ.
На 30 ноември во Сараево со „Кармина Бурана“ НОБ привлече неколку илјади публика и, како што беше соопштено, сте го урнале рекордот на посетеност на претстава што во салата во центарот „Скендерија“ дотогаш го имал настапот на Државниот балет од Кина во 1971. Како успеавте да отидете со 200 луѓе на гостување и можни ли се турнеи со толкава задолженост?
Домаќин на нашето гостување беше Фондацијата „Амадеус“ од Сараево на Емир Нухановиќ, професор и поранешен директор на Сараевската филхармонија. Во јуни бевме заедно во жири за меѓународен натпревар за дувачки инструменти на „Охридски бисери“ и тој ми предложи да гостуваме во Сараево. Ја избра „Кармина Бурана“ која ја имаме редовно на репертоарот.
Тие како домаќини со генералните спонзори ни го покрија гостувањето зашто е невозможно на свој трошок, немаме пари за турнеи. Гостувавме со околу 200 луѓе, и тоа кратевме. Министерот за култура ни вети дека со 10.000 евра ќе ни помогне да го платиме превозот, четирите автобуси и осигурување за уметниците. Сè друго – сместување во хотел со појадок и по три дневници за уметниците ни платија домаќините. Се покажаа одлични домаќини, а нашите уметници беа задоволни.
На нивни телевизии изјавував дека ќе имаме околу 2 500 публика. Кога појдовме пред самиот настан, редици од луѓе чекаа да влезат во салата „Мирза Делибашиќ“ во „Скендерија“. Преку 6 000 луѓе имаше. Таму беше целиот дипломатски кор и сум изненаден од многу културната публика.
Кога заврши претставата, од генералниот спонзор од Истанбул добивме покана да гостуваме и таму со „Кармина Бурана“. Треба да најдеме термин согласно со нашите обврски. Можеби ќе биде септември 2020 и ќе гостуваме и во Истанбул.
Лани во декември со „Севилскиот бербер“ бевме на фестивал во Стара Загора и, исто така, сè ни платија домаќините во Бугарија. Затоа што со толкав долг и со толку многу уметници учесници е невозможно да појдеме некаде. Затоа ги барам тие врски, пријателства со мои колеги, секаде каде што одиме, тие да ни ги покриваат трошоците.
Што планирате за 2020 година, за колку проекти аплициравте во Министерството за култура и дали сте задоволен од поддршката за годинава што изминува?
Аплициравме во јуни со две оперски и две балетски премиери за 2020. Едната од оперите е планирана за отворање на Мајските оперски вечери. Биле порано, но неколку години не се на тековниот репертоар. Расходувани се како сценографии и ги нема повеќе, и затоа решивме да направиме нови премиери што потоа ќе бидат на репертоарот.
Од поддршката сме задоволни и со домаќинско работење завршивме сè што беше планирано за оваа година – две опери и два балета. За 2019 година имавме буџет од околу 31 милион денари. И за оваа година, исто така, би требало да го добиеме тој буџет, 31 милион со Мајските оперски вечери, и плус средствата што се најавуваат за долгот.
Со помош од Министерството за култура од кое добивме околу 3,9 милиони денари успеавме да ги поправиме и седиштата кои не беа добро наместени, почнаа да се нишаат и да паѓаат. Сега се решени сите столчиња, од првото до последното.
Продажбата на билети е одлична и зголемена за 57 отсто откако сум дојден. Билети се бараат и, од отворањето на сезоната во септември до сега, речиси сите претстави ни се продадени, и тоа многу порано.
Хатка Смаиловиќ