Професорката Гордана Силјановска Давкова и оперскиот пејач Игор Дурловски ќе бидат натпартиските кандидати со кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ја бара довербата кај гласачите на претстојните парламентарни избори.

Според блиски партиски извори на редакцијата на Makpress,mk од ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска ќе биде носител на листата за кандидати во Изборната единица 1, додека Дурловски ќе ја бара поддршката од граѓаните во Изборната единица 5.

„Прв“ во двојката ќе биде потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, додека најголемата изборна единица по градови, изборната единица 3 е резервирана за Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ќе се соочи против Претседателот на СДСМ Зоран Заев во изборната единица 4 додека во шестата изборна единица, пратеничката Дафина Стојановска ќе биде предводник на пратеничките листи.

Како што најави, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, остана на зборот и на претстојните парламентарни избори ќе ја бара поддршката од граѓаните за да биде премиер а не пратеник.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е во тек, а според неофицијални информации на листите за пратеници ќе се најдат и Тимчо Муцунски, Рашела Мизрахи, Сашко Кедев, Влатко Ѓорчев.... Сепак, за целосните пратенички листи и кандидати се уште нема официјална потврда од партијата. Д.Б

Носител на листа во ИЕ 1 - Гордана Силјановска Давкова

Носител на листа во ИЕ 2 - Владо Мисајловски

Носител на листа во ИЕ 3 - Игор Јанушев

Носител на листа во ИЕ 4 - Александар Николоски

Носител на листа во ИЕ 5 - Игор Дурловски

Носител на листа во ИЕ 6 - Дафина Стојановска