Уставниот суд на Косово попладнево го објави целосното образложение на одлуката со која му се призна правото на претседателот на државата Хашим Тачи да го додели мандатот за формирање влада на партија која не победила на парламентарните избори во државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Со ова се отвори патот за свикување вонредна собраниска седница, на која ќе се гласа за предлогот на Авдулах Хоти, како кандидат на второрангираната партија од минатогодишните избори, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), откако на 25 март годинава ѝ беше изгласана недоверба на владата предводена од Движењето самоопределување (ВВ) и нејзиниот лидер, Албин Курти.

Тачи како претседател на државата неколку пати побара од ВВ да предложи нов кандидат за формирање влада, а откако Курти остана упорен на ставот дека нова влада може да се формира единствено по нови избори, на 30 април мандатот му го додели на ЛДК, односно на неговиот кандидат Хоти.

На 1 мај ВВ го оспори пред Уставниот суд на Косово правото на Тачи да го додели мандатот на друга партија освен на онаа која победила на изборите, по што на 28 мај Судот пресуди дека одлуката на претседателот на државата не била спротивна на Уставот.

Од ЛДК објавија дека ќе чекаат Уставен да ја објави целосната, детално образложена, одлука и дури потоа ќе побараат свикување седница за гласање на предлогот на Хоти за составот на новата Влада.

Досегашниот премиер и лидер на ВВ, Курти изјави дека одлуката на Судот е неприфатлива, затоа што, според него, „не претставува толкување, туку допишување на Уставот“. Тој најави дека ВВ ќе преземе дејствија за спротивставување на истата, за што, како што најави, граѓаните ќе бидат информирани во наредните денови.


Администратор
01/06/2020 23:02