Пред вас е идниот лидер на оваа земја, бидејќи не учествувам во кривично правен настан, туку во политички прогон и 11 месеци сум држен во притвор, рече обвинетиот Бојан Јовановски – Боки 13 во завршен збор за случајот „Рекет“.

На почетокот, Јовановски се пожали што во судница не е присутна јавната обвинителка Вилма Русковска, за да го чуе додека зборува облечен во бело, исто како Тито.

Бледите завршни зборови на јавната обвинителка, рече тој, беа цитати од филмови, а не цврсти докази како што личи на ваков кривично правен настан.

– Зоран Милевски е пуштен со агенда, затоа што е агент провокатор и се ближат избори, изјави Јовановски.

А тука, нагласи Јовановски, гоните двајца невини луѓе.

– Кој му дозволи на Јордан Камчев да бара помош од Бугарија за да конструира вакво нешто. Сигурно не е случајно уривањето на СЈО и 1 ТВ, изјави Јовановски.

Имам, рече тој, отворено сомневање на правно-политичкиот систем и спрегата со Зоран Милевски.

– Ова лажно Луј Витон обвинение е засновано само врз изјавата на Јордан Камчев. Камчев може дал милион евра, а може и повеќе, но не на Бојан Јовановски. Можеби и затоа не дозволивте вештачење на мојот телефон, рече Јовановски.

Тој, пред судот покажа фотографии со куфер Луј Витон, за кој вели дека го купил во 2012 години во Виена, и за кој обвинителката Вилма Русковска кажала дека е чантата од видеото на Камчев сликана во домот на неговите родители.

– Одговорно тврдам дека таа Луј Витон чанта на Зоран Милевски ја немам допрено и не знам што има внатре. Тој само ме остави кај моите родители, изјави Јовановски.

Не се вештачи мојот телефон, рече тој, бидејќи ќе се види комуникацијата и врската меѓу Сашо Мијалков и тогашниот премиер Зоран Заев.

-Јас сум бил сведок каде лично им е ветувано олеснување ако го поддржат референдумското прашање. И на Сашо Мијалков му е вратен пасошот, па никој не прашува, изјави Јовановски.

Тој рече дека не се плаши од никого, а на почетокот најави дека ќе ја отвори целата „пандорина кутија” и се надева дека судот ќе почне постапка по допрен глас.


Администратор
02/06/2020 00:30