Откако се направи медиумска фама а државниот пазарен инспекторат на вонредна прес-конференција истакна дека лидер на политичка партија бил затекнат во затворен дел на ресторан, медиумите блиски до власта пренесоа дека се работи за Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој доцна вечерва излезе со реакција на неговиот фејсбук профил во врска со настанот.
-Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации. Дефокусирајќи ја јавноста со таа “епска битка” на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се дефокусира вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт.
Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, прв пат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа. Не мислам дека луѓето не знаат да направат грешка, битно е грешката да не е таква да направи лошо некому, да наштети некому, да биде непоправлива. Жал ми е што денес, покрај погубните бројки на ново заболени и починати случаи, катастрофалното менаџирање со кризата од корона вирусот, економскиот дебакл на власта, кражбите на парите на граѓаните со милионски суми, рекетите, распродажбата на националните интереси, денеска тема стана и мојата средба со познаници во една Скопска кафеана. Човечки е да се згреши, и не сум лицемер кој едно говори пред камерите, а друго зад нив. Сакам да демантирам, дека имав било каков контакт со било кој од државната инспекција или органите на државата. Тоа се измислици за да се потхрани дефокусирањето на јавноста, вели Мицкоски.