Сите засегнати страни треба да учествуваат на изборите, а кај нас опозицијата бара да нема функционален парламент, кога сите опозиции во светот го бараат спротивното. Барањето за предвремени избори доаѓаше токму од опозицијата, тие учествуваа во целиот процес и се во техничката и пржинската влада и имаат бројче за изборното ливче што значи дека се учесници во изборите. Искрено се надевам дека ќе донесат одлука за учество на изборите, истакна вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска.
Таа во интервју за Телевизија 24, одговарајќи на прашањето што ќе се случи доколку ВМРО-ДПМНЕ одлучи да ги бојкотири изборите, рече оти сака да верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите заради тоа што тие се потребни од една страна за државата, за граѓаните, но од друга страна бидејќи тие се оние коишто го иницирале целиот овој процес и е важно да останат на тие позиции и да учествуваат на изборите.
– За конечно да ги имаме сите демократски институции во сила за да можеме да кажеме дека ние сме парламентарна демократија. На овој начин, едноставно цела една институција како што е Парламент, на којшто се базираме како држава го нема во моментов и затоа сум сигурна дека и тие проценувајќи ги сите овие моменти, а посебно дека и тие ќе бидат на гласачкото ливче дека ќе одлучат да одат на избори, нагласи Царовска.
Артан Груби од ДУИ пак во Отворено студио на ТВ 24 вести рече дека неговата партија останува на одлуката изборите да се одржат во јули, изразувајќи уверување дека сите партии ќе учествуваат на изборите.
– Јас сум убеден дека било кој термин да го определиме за одржување на избори, сите партии ќе учествуваат, зошто не може да си го дозволат луксузот да не учествуваат на избори кои се признаени од сите институции и од меѓународната заедница и со мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР, рече Груби.
Тој додава дека можни се промени на Изборниот законик, со што би можело да се гласа неколку дена.
– Еден ден би гласале пензионерите, еден ден тие што се во изолација, а останатите во третиот ден е едно од можните решенија, донесени со уредба, оценува Груби.
Во врска со тоа дали опозицијата ќе учествува на изборите, Груби смета дека бојкотот не донел успех на ниту една политичка партија, оти не сака да се меша во одлуките на другите партии и не го слушнал зборот бојкот од опозицијата.
– Бојкотот не донел успех на ниту една политичка партија. За да има бојкот, треба да има силна причина. Не може да се натпреваруваме, не може ниту Мицкоски, Заев или Ахмети да се натпреварува кој повеќе се грижи за јавното здравје, рече Груби за 24 Вести.