Вечерва на „Отворено Студио“ гостуваше Тимчо Муцунски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ кој што посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе води доста успешна кампања која ќе биде фокусирана за заштита на здравјето на граѓаните.

„Па ние како политичка партија бевме подготвени за процес на кампања уште за избори што требаше да се случат на 12-ти април. Тоа што концептуално смени верувам доста за сите политички партии е фактот што ние сега треба да ставиме поголем фокус на пандемијата, на тоа што ни се случува со Ковид-19. И од гледна точка на градењето на нашите идни политики односно на програмите, исто така и од начинот на кој што се однесуваме во рамките на самата кампања. И тоа е една поголема промена за која што сите моравме да вложиме дополнителен напор и енергија за да се подготвиме. Но мислам дека има добра насока, има добра траекторија, и мислам дека ова ќе биде за нас како политичка партија една многу успешна кампања“, истакна Муцунски.

Муцунски додаде дека по него вниманието на кампањата треба да биде сведена на политики, а не на дневна политика.

„Од наша страна како политичка партија, јас мислам дека граѓаните успеавме да ги убедиме преку нашето политичко дејствување дека оваа влада не успеа да ги реализира ветувањата бидејќи има многу висок степен на корупција. Корупција која што метастазира во нашето општество и не се реши. Но сега е моментот кога ние треба прво да понудиме кандидати и личности кои ќе бидат профил што ќе се справи со сите тие негативни феномени“, нагласи Муцунски.

Муцунски додаде дека програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде фокусирана на неколку постулати, по него најзначајни ќе бидат поради Ковид – 19 дефинитивно како треба да се движи реформата во здравствениот систем. Потоа тука следува економијата, и по него една од најболните точки е севкупното реформирање не само на правосудниот систем туку и на политички систем.