По објавата на сторијата на битолчанката Николина Мојановска, која 4 месеци чека за итна операција на колк, здравствените власти само признаа дека состојбата е практично блокирана и дадоа најава за брзо враќање на сите третмани на останатите пациенти - бидејќи не е само Ковид 19 болест во државата. Но најавата не го решава проблемот. Напротив, докторите предупредуваат дека концентрацијата на коронакризата од старт е погрешна стратегија.

-Тоа се илјадници пациенти со хронични болести кои што во моментот можеби не се акутни, но тоа дека не добиле адекватна грижа во овие три месеци можат да го доведат во ризик здравјето на пациентот. На тие пациенти не случајно им е потребна контрола на месец, на три или на шест месеци каде што треба да се видат со својот доктор. Не работи магнетната резонанца, не работи дијагностиката. Има и нови пациенти кои допрва треба да се дијагностицираат. Квалитетот на живот на луѓето е 100 процентно нарушен, вели доктор Ленче Нелоска за Алфа.

Докторите се најмалку виновни вели таа. Тие се ставени во клинч меѓу пациентите и системот, затоа се оневозможени да одговорат целосно на потребите на пациентите. Дотолку повеќе што стотици од нив се заразени од Ковид 19, а уште толку се во изолација.