Примарна цел и приоритет на следната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е обезбедување на ефикасни јавни финансии преку зајакнување на капацитетот на даночната администрација, ниски даноци, консолидација на јавниот долг и зголемување на ефикасноста во реализацијата на јавните расходи. Главниот фокус e ставен на реализација на капитални инвестиции насочени кон оние инфраструктурни и енергетски проекти што ќе бидат во функција на бизнис-секторот и капитални проекти кои ќе бидат насочени кон подобрување на општите услови за живот на македонските граѓани.

МЕРКА 1: ВРАЌАЊЕ НА РАМНИОТ ДАНОК СО СТАПКА ОД 8 % ЗА ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД И ДАНОКОТ НА ДОБИВКА

Во наредниот четиригодишен период во областа на даноците и царините ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политиката на ниски и едноставни даноци и други давачки за фирмите, бидејќи повеќе средства за компаниите значат и повеќе средства за унапредување на работењето и воведувањето нови технологии и практики, нови инвестиции и работни места, а со тоа и економски раст на земјата. ВМРО-ДПМНЕ продолжува со создавање предвидливи и еднакви услови за фирмите. За наредниот четиригодишен период предвидуваме:

Проект 1: Враќање на рамниот данок со стапка од 8 % за Данокот на личен доход и Данокот на добивка

Рок:2022.

(од 01.01.2021 година рамниот данок ќе изнесува 9 %, додека од 01.01.2022 година ќе изнесува 8 %. Имајќи ја во предвид здравствено-економската криза предизвикана од Корона вирусот, можно е мало одложување на оваа мерка за не повеќе од 1 година.

Буџет:1,8 милијарди денари.

Проект 2: Продолжува оданочувањето со 0 % данок на реинвестирана добивка

Проект 3: Намалување на ДДВ за влез на спортски натпревари и за изнајмување на спортски објекти од 18 % на 5 %.

Рок:2021 година.

Проект 4: Намалување на законската затезна камата регулирана во Законот за облигации

Во согласност со тековното законско решение, законската камата за физичките лица се формира кога на каматата на благајничките записи издадени од НБРМ, се додаваат 8 процентни поени. Од 01.01.2022 година, се обврзуваме да предложиме измена на овој Закон, при што затезната каматна стапка ќе се намалува во согласност со сигналите од НБРМ и каматната стапка на благајничките записи. Со тоа, трошоците за граѓаните кои доцнат со плаќање ќе бидат ублажени, особено трошоците за тужените сметки кои ги наплаќаат извршителите.

Рок: 2022 година.

Проект 5: Намалување на основицата за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување.

Во согласност со тековното законско решение, за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување највисока основица за пресметка и уплата на придонесите од задолжително социјално осигурување е износот од 16 просечни месечни плати за пресметување и уплата на придонесите за примања од работен однос, а износот од 12 просечни месечни плати за пресметка и уплата на придонеси за самовработено лице.

– Земајќи ја предвид солидарноста на која се темели нашето општество од една страна, како и ограниченоста на пензиите со максимална пензија, ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да постои одредено намалување на бројот на бруто-плати на кои се уплаќаат придонеси.

Рок: Во првите 100 дена ќе биде променет Законот според кој придонеси ќе се уплатуваат за приходи до 12 просечни бруто-плати. До 2022 година, придонеси ќе се уплатуваат за 8 просечни плати и доколку постои можност ќе продолжиме со намалување до 4 бруто-плати.

Проект 6: Ослободување на младите од данок на личен доход

Македонија, но и земјите во регионот се соочуваат со проблемот на иселување на граѓаните, при што во најголем дел се иселуваат младите. Една од мерките со кои ќе ги задржиме младите во Македонија, всушност, е и оваа мерка, според која младите луѓе до 29 години ќе бидат ослободени од данок на личен доход за нето-приходите на годишно ниво до 6.000 евра во денарска противвредност, за првото вработување.

Рок: 2021 година. (Имајќи ја во преедвид здравствено-економската криза предизвикана од Корона вирусот, можно е мало одложување на оваа мерка за не повеќе од 1 година)

Буџет: 1 милијарда денари.

Проект 7: Издавање зелени државни обврзници (green bonds).

Зелените обврзници претставуваат долгорочни должнички хартии од вредност што ќе ги издава Министерството за финансии. Средствата обезбедени врз основа на овие државни обврзници ќе имаат стриктно определена намена, односно ќе се користат исклучиво за решавање на проблемот со загадувањето.

Рок: 2022 година

*ППР