Квалитетното, модерно и ефикасно образование претставува стратешки приоритет на државата. Тоа претставува темел за остварување на приоритетите во областа на економскиот раст, развитокот на демократијата, општествениот и личниот развој на граѓаните и севкупно подобар живот во државата. Квалитетно образование приспособено за потребите на пазарот на труд и потребите на општеството, подразбира создавање на фундаментални предуслови за градење на иновациски капацитети и развиена иновациска инфраструктура. Покрај економското значење на образованието, ВМРО-ДПМНЕ смета дека истото има многу поширока општествена корист и значење.

Имено, квалитетно образование кое создава човечки капитал е фундамент за развивање на стабилно и модерно општество во кое владее правото, демократијата и човековите права. За сето ова ни е потребно образование кое ќе овозможи развиток на емоционална интелигенција, самоефикасност, самодоверба, аналитичко и критичко мислење, етичност во постапувањата кон сите, чувство за морал и праведност, комуникациски вештини и чувство на психолошка благосостојба. Од своја страна, македонското образование се соочува со бројни инфраструктурни проблеми, слаб квалитет според меѓународните тестирања, несоодветни образовни програми и недоволна мобилност.

Затоа, новата образовна и научно-истражувачка стратегија што ВМРО-ДПМНЕ ја предлага, содржи мерки и проекти во насока на модернизирање на образованието и подобрување на условите за стекнување на функционално знаење, кое ќе биде соодветно вреднувано на пазарот на труд, знаење кое ќе ги направи младите добри граѓани и успешни професионалци. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува континуирано да воведува квалитетни механизми за унапредување на наставните планови и програми, осовременување на методологијата и наставните помагала и квалитетот на наставниот кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да обрне особено внимание на спречување на одливот на работоспособни кадри.

ВМРО-ДПМНЕ во својата програма за образование, како стратешки ги издвојува следните приоритети:

⮚ Зголемување на средствата за образование од 3,7 % на 5 % од БДП

⮚ Запирање на одливот на работоспособни кадри;

⮚ Осигурување на квалитет во образованието преку поврзување на стандардот на квалификации и пазарот на трудот со образовните програми;

⮚ Креирање на образовни системи за вештини и компетенции соодветни на потребите во државата;

⮚ Инфраструктурна изградба на образовниот систем

⮚ 5 % годишно покачување на платата на наставниот кадар за подобрување на нивниот стандард

⮚ Зголемување на средствата кои се одделуваат за наука на минимум 1 % од БДП.

МЕРКА 1: ЗАЈАКНУВАЊЕ НА ИНФРАСТРУКТУРАТА НА ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ ВО МАКЕДОНИЈА

Во голем дел, условите за работа во основните и средните училишта во Македонија, како и во универзитетите се на задоволително ниво. Од друга страна, наша цел е да креираме инфраструктура од која полза ќе имаат учениците, студентите, образовниот персонал, но и сите граѓани.

За таа цел предвидено е спроведување на следните проекти:

Проект 1: Изградба и реконструкција на основни, средни училишта и факултети

Во првите 100 дена ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да подготви мапирање на состојбите и ќе се изготви конкретен предлог за изградба и реконструкција на училишта и факултети. Тоа ќе се направи во соработка со општините и универзитетите. Сите реконструкции ќе бидат во правец на енергетски ефикасни објекти со обновливи извори на енергија, заради заштеда на енергија и подобри услови за работа на учениците и студентите.

Рок: континуирано.

Буџет: 1.8 милијарди денари.

Проект 2: Реновирање на студентски домови

Студентите мораат да имаат пристојно место во кое го поминуваат своето учење и престој. Со цел подобрување на условите на студентите за студирање, Владата на ВМРО-ДПМНЕ во првите 100 дена ќе изработи програма според која ќе бидат реновирани сите студентски домови.

Рок: до 2022 година.

Буџет: 180 милиони денари.

Проект 3: Интегриран електронски систем во образованието

Развој на централен електронски систем за интеграција на сите образовни институции и вмрежување со останатите образовни институции. Системот ќе овозможи споделување насите потребни информации (број на ученици, ангажман на наставници, образовни профили) помеѓу образовните институции и статистички информации кои се потребни на Министерство за образование и наука.

Рок: 2021/2022 година.

Буџет: 4 милиони денари.

Проект 4: Национален центар за далечинско и е учење

„Еден клик“ – Национална дигитална платформа за далечинско и е-учење

Се обврзуваме да развиваме дигитална платформа за далечинско и е-учење која ќе располага со современа опрема која е потребна за онлајн учебни модули, курсеви и цели студиски програми. Истата ќе води евиденција на е-курсеви, учебни модули и студиски програми кои се нудат низ универзитетите во светот која ќе им ја стави на располагање на сите заинтересирани граѓани и образовни институции. Континуирано ќе се дигитализираат и постават во библиотечен фонд дигиталниу учебници за учениците и студентите.

Во согласност со ваквата определба се обврзуваме да ги обезбедиме сите законски предуслови и дефинирани стандарди според кои ќе се овозои акредитација на студиски програми за далечинско е учење, програми за онлајн курсеви и друго на домашните училишта и универзитети.

Рок: Континуирано

Буџет: 35 милиони денари.

Проект 5: Кариерен центар за наставници

Преку реконструкција на средното училиште „8 Септември“ во Скопје, предвидуваме создавање на простор за кариерен центар за наставници. Целта на овој центар е да се спроведуваат курсеви и обуки за градење на капацитетите на наставниците, учење нови вештини и пристапи за работа за нивна поголема стимулација во работењето.

Рок: 2022 година.

Буџет: 3 милиони денари.

*ППР