Денеска сме во изборна единица 3, започнуваме од Кочани и продолжуваме понатаму во Чешиново-Облешево, потоа во Зрновци, од Зрновци во Виница и потоа повторни се враќаме вечерва на мини средба со граѓаните овдека во Кочани. Од она кое што досега го разговарав со жителите на Кочани можам да кажам дека ниту овде во Кочани не останала незабележана во негативна смисла тригодишната пандемија предводена од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев. Тешко се живее, мачно се живее, лоша економска, социјална па и здравствена ситуација и овде во Кочани, луѓето ги чувствуваат последиците. Така што ценам дека сето она кое што е секојдневие насекаде во Македонија не го заобиколило ниту пак Кочани, затоа ВМРО-ДПМНЕ и победничка коалиција За обнова на Македонија ќе се обиде во овој пред изборен караван да ја претстави својата програма, да ги претстави политиките, проектите, плановите кои што во следниот четири годишен мандат планира да ги спроведе ширум целата држава. Се разбира овдека во Кочани и кочанско можеби некако најмногу доминира интересот поврзан со земјоделието, редовната исплата на субвенциите, навремениот откуп, откупот по прифатлива цена за земјоделците да се плати на време, да се плати онака како што треба маката и трудот на земјоделецот, на честитиот и чесен земјоделец.
Она кое што ВМРО-ДПМНЕ го планира во програмата се минимум 640 милиони евра субвенции за земјоделците во еден четиригодишен мандат, обновување на водоводната инфраструктура во делот на наводнувањето на земјоделските насади. Голем дел од проектите кои што ги планира ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе бидат претставени овдека во Кочани. Вие знаете дека ние внимателно го создадовме, а во вторникот ја промовиравме практично онаа наша читанка наречена „Проект обнова“ каде што има повеќе од 1000 проекти на 360 страници, учествуваа многу автори и од земјата но и од странство, луѓе кои што се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, луѓе кои што и не се партиски определени но ете сакаа да додадат вредност на таа читанка.
Така што ценам дека во овие престанати би рекол нешто повеќе од две недели кампања ВМРО-ДПМНЕ и победничката Коалиција За обнова на Македонија ќе може да се презентира достоинствено пред граѓаните ширум целата држава така и денеска овдека во Кочани и кочанско и цениме дека ќе бидеме убедливи победници на изборите кои што ќе се случат на 15 јули.
Ја користам оваа прилика ете да ги повикам и граѓаните овде во Кочани да излезат масовно, се разбира почитувајќи ги мерките за заштита на здравјето да излезат масовно затоа што само така може да се порази оваа тригодишна пандемија предводена од ова раководство на СДСМ и Зоран Заев.
Останувајќи дома, за жал, можеби ќе ја намалиме разликата помеѓу нас и губитничката коалиција Можеме или Можеа има уште многу кованици од овој нивен слоган. Затоа ги повикувам кочанчани да излезат што е можно повеќе, масовно на 15 јули и да ја поддржат победничката коалиција Коалицијата за обнова на Македонија.
Новинарско прашање: Ваш коментар за бомбата која излезе утрово?
Одговор:Мислите на нелегално снимениот разговор. Тој е еден разговор, се сечат и се монтираат парчиња по потреба на СДСМ и Зоран Заев и мислат дека тоа ќе помогне нешто во нивната кампања, во намалување на дебекалот кој што им следи. Јас тоа практично сум го кажал и таму кажано дека да кога ја преземав ВМРО-ДПМНЕ пред точно 30 месеци, партијата беше во незавидна финансиска ситуација со блокиран имот од истата онаа судијка Димишкова, која е сестра на оној адвокат Димишков кој го слушавме како бара 6 милиони евра од познат бизнисмен за да биде ослободен од притвор. Да, во тој момент имавме сериозни потешкотии, нешто слично претпоставувам ќе ја затекнеме и државата по 15 јули. Но и тогаш верував и сега верувам дека со сите тие предизвици ќе се справам. Останатиот дел од разговорот јас сум го коментирал и во минатото дека мора да има право и правдина онакво вистинско според законите, а не како што му одговара на СДСМ и Заев, олицетворено во Луи Витон обвинителството и трас трас судството. Деновиве ќе се изнаслушаме се и сешто, но она кое за нас е важно е да останеме фокусирани на понудата затоа што граѓаните во овие тешки моменти им е потребна визија, надеж како понатаму, не им се потребни вакви би рекол монтирани разговори, во случајот еден разговор којшто Зоран Заев и СДСМ мислат ќе им донесе некаков поен. Но, ништо ново нема таму тоа сум го повторил ќе кажам уште еднаш, многу пати во минатото им благодарам еве што и они овозможија да се слушне целата вистина како беше кога го преземавме ВМРО-ДПМНЕ.
Еве 30 месеци потоа и со такво ВМРО-ДПМНЕ, со блокиран имот, со долгови ние доаѓаме до предвремени парламентарни избори во кои се бориме за 61 пратеник. Така што тоа е што имам да го кажам за овој разговор.
Прашање: Дали противењето против СЈО значи противење против правдата?
Одговор: Не, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се противело на работата на СЈО, но ВМРО-ДПМНЕ истовремено и во минатото и сега ќе повторам кога тоа беше оперативно имаше сериозни индиции за злоупотреба и политичко влијание што потоа се потврди преку она Луи Вутон куферче, преку оние разговори кои минатото лето јавноста можеше да го види, а всушност и се потврдува на секојдневна основа гледате дека еден од осудените сега во случајот Рекет пред некој ден доби смртни закани кои неговиот адвокат ги пренесе на македонската јавност да молчи и да не кажува многу. Јас навистина би сакал да знам што толку ги вознемири властодршците да на таков брутален начин се однесуваат кон нивните поранешни другари партнери и пријатели. Она кое што ние го знаеме а се шушка гласно во кулуарите во Обвинителството е дека Бојан Јовановски поднел неколку десетици кривични пријави против највисокото раководство на СДСМ и многумина видни членови и луѓе кои што се дел од раководството на СДСМ за злоупотреба, измама, криминал и корупција и добро е јавноста и тоа да го знае но добро нели обвинителството вакво какво што е предводено од Вилма Русковска тоа нема да го обелодени. Така што ВМРО-ДПМНЕ било и останува за безусловна правда и ВМРО -ДПМНЕ ќе се бори за право и правдина безусловна и почитување на законите и уставот за разлика од нашиот политички противник.
Новинарско прашање: Кочани четири години е без капитални инвестиции дали доколку дојдете на власт очекувате да се мрдне од тоа мртвило, би рекол во делот на инвестициите?
Одговор: Да, тоа е и дел од нашата програма која што ќе биде презентирана овдека вечерва на нашиот собир, мини собир со граѓаните, точно вие сте во право, Кочани некако е на маргините на интересот на властодрсците на ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев, буквално не е поместено ништо единствено нешто што е направено е буквално негативно, а тоа е чекор наназад од она што тие го наследија во 2016, 2017 година. Јас не очекував ништо ги нема ниту Фејсбук ниту Гугл , го нема ниту оној по малку шерифски најавен автомобилски гигант, се сеќавате алудирајќи тогаш во владата Зоран Заев на Фолксваген ниту пак ќе ги има со овие луѓе. Овие луѓе единствено нешто што ги интересира е колку повеќе куферчиња Луј Витон да залегнат во еден ресторан во Југоисточна Македонија, колку повеќе трас-трас ослободителни судски пресуди во нивна полза, колку повеќе политики водени по принципот евро за батето евро за црквата, и јас навистина не можам да очекувам ама ништо повеќе од овие луѓе.
Она кое што тие го говореа изминатиот период е дека ВМРО-ДПМНЕ нема програма еве ние имаме програма на 360 страни содржана е една стратегија за економски развој вклучително и економски брз развој на Кочани и реализација на капиталните инвестиции но и еве денеска сме четврти ден веќе во кампања ние сеуште не успеавме да ја видиме програмата на СДСМ, ќе ни помине уште една кампања без програма на СДСМ, така што ете тоа е она кое што можам да го кажам, а да, јас се обврзувам за интензивна и рапидна реализација на капиталните инвестиции ширум целата држава вклучително и овде во Кочани и кочанско. Еве ќе ги потсетам и Кочанчани и луѓето кои што се жители на овој крај уште во 2017 година беа обезбедени средства беше обезбеден и проектот, изведувачот за реализација на експресниот пат Штип -Кочани но за жал еве до ден денеска три години потоа буквално ништо не се случува таму. Така што не очекувајте подароци квалитетни од луѓето кои што ја ставаат раката на срцето се колнат во жицата и најмилото, а потоа не ја говорат вистината.