Во моментов младите во Македонија се на маргините на општествениот развој. Затоа, идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, свесна за потребата од нови решителни правци за надминување на проблемите на младите, нуди визија за создавање на општествени услови новите генерации на млади луѓе да ја градат својата иднина во сопствената земја. За таа цел, ВМРО-ДПМНЕ предвидува реализација на следните мерки:

1. Обезбедување на услови за вработување на повеќе од 50.000 млади за период од 4 години;

2. Современо образование кое ги подготвува младите за потребите на пазарот на труд и подобрен студентски и ученички стандард;

3. Младите активно учествуваат во донесувањето одлуки; и

4. Култура и спорт по мерка на младите

МЕРКА 1. СТИМУЛАТИВНИ МЕРКИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА МЛАДИТЕ

Според Државниот завод за статистика, стапката на невработеност на младите во Македонија е 35,6%, која е највисока во Европа и двојно повеќе од просекот на Европската Унија. Во ситуација на глобален пазар на труд, младите одбираат да работат и живеат во некоја од поразвиените земји во Европа, САД, Канада, Австралија и други. Тоа доведува до „стареење на нацијата“ и одлив на квалитетни млади луѓе. Според бизнис-секторот, постои силна неусогласеност на понудата на образовни квалификации и побарувачката од страна на пазарот на труд, како и недоволната ангажираност на образовните институции во кариерното насочување на младите. Оттука, ВМРО-ДПМНЕ се залага за системски и структурни мерки со кои се покажува посветеност на општеството кон младиот човек.

Во текот на четиригодишниот мандат предвидуваме:

ПРОЕКТ 1: ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ МЛАДИ ЛИЦА:

• Ослободување од данок на личен доход за млади до 29 години кои остваруваат годишни приходи до 6.000 евра, во денарска противвредност.

• Шанса плус – компаниите кои ќе вработат ученици кои по завршувањето на средно стручно образование нема да продолжат со студиите, ќе добијат олеснувања и ослободувања за одреден период.

• Месечна финансиска поддршка за компаниите кои ќе вработат млади до 29 години кои се невработени подолго од 24 месеци, а се од семејства во социјален ризик.

• Загарантирана работа на 500-те најдобри студенти од државните универзитети.

Рок: 2021 година.

ПРОЕКТ 2: 4 МИЛИОН ЕВРА ЗА ПРЕТПРИЕМАЧКА ИНИЦИЈАТИВА НА МЛАДИ

Владата на ВМРО-ДПМНЕ го воспостави проектот за финансиска поддршка на невработени млади преку неповратни грантови и грантови со кредитирање, заради отворање на сопствен бизнис и финансиска поддршка за иновативни проекти. Со цел поддршка на претприемачката иницијатива, се обврзуваме во текот на мандатот за оваа цел да одвоиме најмалку 4 милиони евра.

Институција носител: Агенција за вработување на Македонија и Фонд за иновации и технолошки развој.

Рок: 2021 година.

Буџет: 244 милиони денари за четири години.

ПРОЕКТ 3: ПРОФЕСИОНАЛНИ ВЕШТИНИ ЗА МЛАДИТЕ

Во рамките на новоформираните Младински центри, а со цел поттикнување на претприемништво и подобрување на професионалните вештини, ќе се организираат обуки за дигитални вештини (scrum и agile, проектен менаџмент и SAFe методологија, обуки за blockchain технологии и други), кариерно советување, обуки за доквалификација и преквалификација во соработка со стопанските комори, обуки за аплицирање на грантови од владини и невладини институции, грижа за менталното здравје и личниот развој, техники на вмрежување (networking). Имајќи предвид дека прибирањето економски средства за реализација на првични бизнис планови е сериозен предизвик за младите претприемачи, предвидуваме и обуки за младите сами да можат да прибираат средства за финансирање на нивните бизнис планови и проекти (crowd-funding и fund-raising).

Институција носител: Агенција за млади и спорт.

Рок: 2021 година.

Буџет: 3 милиони денари.

ПРОЕКТ 4: ONLINE МЛАДИНСКА ПЛАТФОРМА

Агенцијата за млади и спорт ќе овозможи функционирање на електронска платформа за млади, која ќе ги содржи сите информации во врска со кариерен и образовен развој на младите. Дополнително, на платформата ќе бидат достапни информации за сите видови стипендии, информации за сместување во студентски и ученички домови, TED talks, online курсеви, обуки за професионални вештини итн.

Институција носител: Агенција за млади и спорт.

Рок: 2021 година.

Годишен Буџет: 1,2 милиони денари.

ПРОЕКТ 5: МЛАД ЗЕМЈОДЕЛЕЦ 2.0

Младиот земјоделец е иднината на македонското земјоделство. Во рамките на овој проект, кој има за цел да ги поддржи младите земјоделци, ќе се обезбеди советување за младите регистрирани земјоделци за користење на средствата од ИПАРД програмата, улогата на технологијата во земјоделството и други обуки кои ќе им бидат од помош. Сите оние кои ќе ги завршат успешно обуките ќе можат да користат бесплатни совети од лиценцирани земјоделски советници. Дополнително, по завршување на обуката младите земјоделци ќе имаат можност да аплицираат за финансиска поддршка до 20.000 евра врз основа на приложен бизнис план.

Институција носител: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Рок: 2021 година.

Буџет: 250 милиони денари.

ПРОЕКТ 6: ФОНД ЗА КОФИНАНСИРАЊЕ НА ОБУКИ

Владата ќе ја поттикне продуктивноста на економијата така што ќе бидат финансиски поддржани компаниите за сертифицирани обуки за зголемување на продуктивноста на работниците односно стекнување вештини за работа со нови технологии. За млади лица до 29 години првите три обуки ќе бидат покриени во износ до 100%, а фондот ќе предвидува и покривање на трошоци за обуки за млади кои се невработени или за кои компанијата не одобрува средства.

Институција носител: Влада на Македонија.

Рок: 2021 година.

Буџет: 1,5 милиони денари.

ППР*