Новата образовна и научно-истражувачка стратегија што ВМРО-ДПМНЕ ја предлага, содржи мерки и проекти во насока на модернизирање на образованието и подобрување на условите за стекнување на функционално знаење, кое ќе биде соодветно вреднувано на пазарот на труд, знаење кое ќе ги направи младите добри граѓани и успешни професионалци. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува континуирано да воведува квалитетни механизми за унапредување на наставните планови и програми, осовременување на методологијата и наставните помагала и квалитетот на наставниот кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да обрне особено внимание на спречување на одливот на работоспособни кадри.
МЕРКА 3: ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ – ТЕМЕЛ НА МАКЕДОНСКИОТ ПРОСПЕРИТЕТ
Високото образование во Македонија во моментов не е приспособено на пазарот на трудот, па оттука висок процент на високо образувани кадри ја напуштаат земјата во потрага по работни места, вработување соодветно на нивното образование и подобро вреднување на нивниот труд во струката. Голем број студенти завршуваат на студиски програми од кои пазарот на труд е презаситен или воопшто нема потреба, а многу млади работат на работни позиции кои не одговараат на нивното ниво на образование или на нивните квалификации. Македонија во моментот нема рангиран универзитет на светските листи по квалитет на образование. Сето ова е голема загуба за општеството имајќи предвид дека образованието во Македонија е бесплатно. Затоа, Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се обврзува да спроведе темелни реформи во високото образование, во континуирана тесна соработка со универзитетите во Македонија.
За унапредување на високото образование, ВМРО-ДПМНЕ ги предлага следните проекти во областа на високото образование:
Проект 1: Осовременување на наставничките факултети
Наставничката професија ќе ја направиме престижна професија која ќе ги опфаќа најдобрите студенти во Македонија и кои ќе обезбедуваат најкомпетентен кадар за продуцирање на квалитетни, вешти, креативни и модерни наставници. Предвидуваме значајно подобрување на компетенциите на идните наставници преку реформирање на студиската програма и условите за упис на овие факултети.
Рок: 2022 година.
Буџет: 12 милиони денари.
Проект 2: Формирање и функционирање на Националниот совет за високо образование и научно истражување
Националниот совет е предвиден со Законот за високо образование, а досега не функционира во пракса. Квалитетот на високото образование (кој го обезбедуваат Националниот совет за високо образование и наука, Агенцијата за акредитација и Агенцијата за евалуација) зависи од функционирањето на овие тела и без нивно квалитетно функционирање не може да се обезбеди квалитетно високо образование.
Рок: 2021 година.
Буџет: 60 милиони денари.
Проект 3: Ревидирање на пропустите во Законот за високо образование
Три години по спроведувањето на Законот за високо образование, во пракса се покажа дека тој е полн со недостатоци, неусогласености и решенија кои не нудат квалитет, напредок и додадена вредност на законот. Затоа, предвидуваме во сеопфатна јавна дебата да преминеме кон прецизирање и коригирање на решенијата од Законот.
Рок: 2020 година.
Буџет: 1,2 милиони денари.
Проект 4: Унапредување на студентскиот стандард
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да го подобрува студентскиот стандард преку ослободување од партиципација на студентите од семејства со лични примања пониски од просекот во Македонија и на докажано талентираните и/или најдобрите студенти за студирање во Македонија и нивна поддршка за студии во странство. Предвидуваме и стипендии за наградување и мотивација на најдобрите студенти и вработување на 200-те најдобри студенти кои завршиле додипломски студии на државните универзитети во земјата.
Рок: 2020 година.
Буџет: 180 милиони денари.
Проект 5: Подобрување на стандардот на универзитетскиот кадар
Во моментов, вреднувањето на трудот на универзитетскиот кадар е релативно ниско во споредба со вреднувањето на истиот кадар во земјите во регионот. За таа цел, во следните години ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на подобрување на вреднувањето на трудот на универзитетскиот кадар и подобрување на неговиот стандард со најмалку 5 % зголемување на платите годишно.
Буџет: Во согласност со буџетот дефиниран во делот за финансии.
Проект 6: Зајакнати капацитети во високото образование според потребите на пазарот на трудот
Зајакнување на капацитетите на единиците на државните универзитети во Македонија со наставен и технички кадар, по направена анализа на состојбата.Интензивирање на процесот на адаптација и постојана евалуација на студиските програми според потребите на пазарот на труд, како и уписна политика на студентите во согласност со потребите на пазарот на труд.
Рок: 2020 година.
Буџет: 0 денари.
Проект 7: Поддршка на меѓународни акредитации на студиски програми на државните универзитети.
Поттикнување и поддршка на процесот на апликација за стекнување меѓународна акредитација на студиски програми предложени од страна на факултетите (Европската акредитациона комисија, САД, Канада и други релевантни акредитациони тела) во насока на меѓународна промоција на македонските високообразовни институции, со покривање на 50 % од трошоците од страна на МОН, на секој предлог за акредитација на студиска програма за добивање европска или соодветна релевантна светски призната акредитација.
Рок: континуирано.
Буџет: 3 милиони денари.
*ППР