Претседателот на СДСМ Зоран Заев повторно на „сцена“ со весела математика овој пат во насока на предизборните ветувања.
Имено, пред да бидат одложени изборите кои беа закажани за 12-ти април, лидерот на владеачката партија на прес-конференција во партискиот штаб претставувајќи ја предизборната програма во делот за економија, истакна дека се обврзуваат доколку победат на изборите во текот на четиригодишниот мандат на граѓаните да им обезбедат 36.000 денари просечна плата и 18.000 денари минимална плата.
- Заев најавува поддршка од 600 милиони евра за бизнисот, односно 300 милиони евра поддршка од државата за домашни и странски инвестици и уште 300 милиони европски средства за развој на домашната економија. Со ова, како што рече, невработеноста која сега изнесува 17,1 ќе ја намалат под осум проценти, односно под 20 проценти кај младите, која во моментот е 35 проценти.
Претседателот на СДСМ истакна дека во новиот мандат ќе продолжи растот на платите, односно просечната плата ќе порасне на 36 илјади денари, а минималната на 18 илјади денари, изјави Заев на 28.02.2020 година.
Вчера пак, носителот на листата во изборната единица 4, Зоран Заев од партиската трибина во Куманово најави различни бројки за кои се обврзува да ги исполни доколку неговата политичка партија победи на изборите. Тој на граѓаните им порача дека ќе им обезбеди 34.000 денари просечна плата што е за 2.000 денари помалку од неговото првично ветување и 20.000 денари минимална плата што е пак за 2.000 денари повеќе од најавата кон крајот на февруари за раст на минималната плата.
– Ако за 2.5 години успеавме минималната плата да ја зголемиме за 5.500 денари, од 9.000 на 14.500 сигурни сме дека можеме во полн мандат од 4 години, да ја зголемиме за дополнителни 5.500 и дека минималната плата ќе изнесува 20.000 денари. Можеме да ја зголемиме и просечната плата на 34.000 денари, порача Заев од Куманово.