Граѓаните секојдневно во судските ходници трпат штета од тешки неправди, наместени судски процеси и барања на мито и корупција. Енормно е политичкото влијание врз судството и обвинителството од сегашната власт. Аболицираниот претседател на СДСМ, спротивно на сите правни принципи, се самопрогласи за претседател на Комисијата за реформи во правосудниот систем. Тој за член на Судскиот совет именуваше сопруга на неговиот шеф на кампања за да назначува судии по мерка на СДСМ, за да го штитат него и неговите соработници од сторените криминали во изминатите години. Со Македонија нелегално владее партија-творец на колапсот на правосудниот систем чии обележја се секојдневните случаи од серијалот „Рекет“, набавките на хеликоптерите за медицинска помош, скандалот „Диамед“ и многу други познати коруптивни активности.
СДСМ ги прекрши основните правни начела и воведе партиска контрола врз постојните судии и јавни обвинители инсталирајќи нивни послушнички структури чија одлика се корумпираноста и злоупотребите.
Како одговорна партија, ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди политики со кои судството и обвинителството ќе ги ослободи од политичките, но и од другите форми на влијание и зависност.
ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди суштински гаранции за засилување на независноста на судството и на јавното обвинителство преку преземање ефикасни мерки за борба против корупцијата, политичките и економските притисоци и други форми на зависност и влијанија врз судиите и јавните обвинители, како и преку унапредување на системот на заслуги врз основа на знаење.
Извршната власт мора да ги тргне рацете од судството и од јавното обвинителство, овозможувајќи им независност, во рамките на Уставот, законите и релевантната меѓународна судска пракса.
За таа цел, ВМРО-ДПМНЕ предлага сет мерки за зајакнување на професионалноста, транспарентноста и одговорноста на правосудните органи.
ПРОЕКТ 1. СТОП ЗА КОРУПЦИЈАТА И НЕПОТИЗМОТ ВО ПРАВОСУДСТВОТО
Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе изработи нова стратегија и акциски план за засилување на сите капацитети во правосудството, со посебен фокус на заштитата од корупцијата, како и посебен интегриран план за заштита од конфликт на интереси и непотизам во судството и во обвинителството.
Целосното искоренување на корупцијата и политичко-партискиот клиентелизам во правосудството ќе бидат врвни приоритети на новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 2. НОВ НАЧИН НА ИЗБОР И НАПРЕДУВАЊЕ ВО КАРИЕРАТА НА СУДИИТЕ
Независно судство не е само обична флоскула како што ја третира власта на СДСМ. Независноста на судството не може да биде вистинска вредност ако е предвидена само на хартија без нејзина конкретна реализација. ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе конкретни чекори во насока на ослободување на судството од познатите криминално-политички влијанија и зависности преку подигнување на интегритетот, професионалноста и стручноста на судиите. Ќе воведеме нови критериуми за избор на судиите, нови критериуми за избор на претседателите на судовите, ќе ги подигнеме критериумите за унапредување на судиите, за евалуација на нивната работа, како и критериумите за утврдување одговорност на судиите и на претседателите на судовите врз построги законски основи. Ќе биде предвидена и зголемена улога на судиите при кандидирањето и изборот на судиите за конкретни судиски функции.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 3. КВАЛИТЕТНО ПРАВНИЧКО ОБРАЗОВАНИЕ, ОБЈЕКТИВЕН ПРАВОСУДЕН ИСПИТ И МОДЕРНА АКАДЕМИЈА ЗА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ
ВМРО-ДПМНЕ ќе го врати писменото полагање на правосудниот испит, просечната оценка од најмалку (8) на редовните студии и на мастер студиите, како и обврската за задолжително поседување меѓународен сертификат или сертификат за познавање на еден светски јазик од соодветен факултет на сите кандидати за судии и јавни обвинители. Нема независност и интегритет на правосудството ако останат сегашните критериуми за избор и унапредување на судиите и на обвинителите. Само најдобрите кандидати ќе можат да продолжат на Академија. Ќе ги подобриме правничките вештини во практика и ќе ги подигнеме критериумите за прием на кандидатите во Академијата за судии и јавни обвинители. Ќе ги зајакнеме човечките ресурси и капацитетите на Академијата за теоретски и емпириски истражувања, вклучително и критички студии од областа на јавното и приватното право, информациска поддршка (хардвер и софтвер) за потребите на администрирањето и подобрувањето на работата на судските органи. Ќе биде усвоена посебна програма за обука на кандидатите за судии и посебна програма за обука на кандидатите на јавните обвинители.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 4. СУДИИ СО ИНТЕГРИТЕТ НАМЕСТО СУДИИ – ПАРТИСКИ ПОСЛУШНИЦИ
Формирање посебно тело за евалуација, интегритет и етика на судиите и на членовите на Судскиот совет во рамките на Советот. Ова тело ќе врши полугодишна и годишна евалуација на работата, на професионалниот развој, на интегритетот и етичноста на судиите, ќе предлага мерки за постапување на Советот при добиена негативна оценка на судијата, како и ќе предлага мерки за решавање на случаите на корупција, конфликт на интереси, непотизам и утврдување одговорност на судиите и на членовите на Судскиот совет. Два последователни негативни извештаи од евалуацијата на работата на судија ќе бидат основа за утврдување негова/ нејзина одговорност. Ќе биде воведен нов модел и посебни правила за мерење на професионалната етика на судиите преку утврдување механизми за заштита и унапредување на етиката во судската практика.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 5. СЛОБОДА ЗА НЕПРАВЕДНО ОСУДЕНИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИ МОНТИРАНИТЕ СЛУЧАИ
ВМРО-ДМНЕ секогаш ги брани граѓаните од нанесените неправди. Ќе развиеме нови механизми на транзициска правда во правниот систем во согласност начелото на владеење на правото, стандардите и добрите практики на земјите членки на ЕУ, а со цел заштита на човековите права и слободи. Ќе биде применет инструментот „потрага по вистината“ (“truth-seeking”/”fact-finding”) во елиминирањето на селективната правда и во решавањето на случаите со неправедно осудените лица во политички монтираните процеси. Ќе се разгледаат сите можности за воведување ветинг во правосудството при што како основен критериум за утврдување одговорност на судија/обвинител во процесот на ветингот ќе биде констатираното неколкугодишно кршење на човековите права и слободи на граѓаните во јавнообвинителските и судските постапки.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 6. СУДСКА АМИНИСТРАЦИЈА ПО ЕВРОПСКИ ТЕРК
Зајакнување на ефективноста и ефикасноста во работата на судската администрација заснована врз управување базирано на знаење, вклучително и унапредувањето на електронското управување со предметите. Утврдување униформна методологија за водење статистика на сите судски постапки и донесени пресуди. Унапредување на процесот на објективно управување со работата на судовите преку децентрализирана внатрешна организација и развивање принцип на саморегулација (учество на сите судии во управување со судовите наместо досегашната доминантна позиција на претседателот на судот).
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 7. ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА СУДСТВОТО
Поквалитетен пристап до правдата на сите физички и правни лица во Македонија. Изработка на посебна судска карта во која ќе бидат внесени сите основни, апелациски, управни судови, како и Врховниот суд на државата, и унапредување на информатичката инфраструктура и ИТ-поврзувањето на судските органи со цел зголемување на ефикасноста во судството и информираноста на граѓаните за работата на судиите. Воведување електронски систем за прием на документи во судството преку кој на обвинителите и адвокатите ќе им биде овозможено да вршат електронска достава на документацијата до судовите, а со цел заштеда на време, ресурси, олеснување на начинот на комуникација меѓу учесниците во судските постапки и зголемување на транспарентноста во постапувањето.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 8. ПОЛЕСЕН ПРИСТАП ДО СУДОТ И ПРАВДАТА ПРЕКУ НАМАЛУВАЊЕ НА СУДСКИТЕ ТАКСИ
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага за намалување на судските трошоци на граѓаните за остварување на заштитата на нивните права по судски пат. Процентот на намалувањето на судските такси ќе биде утврден врз основа на претходно направена анализа на висината и одржливоста на судскиот буџет.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 9. ЗАЈАКНУВАЊЕ НА АКТИВИЗМОТ НА ВРХОВНИОТ СУД
Врховниот суд мора да добие зајакната позиција во судскиот систем на државата во согласност со принципот на негова највисока хиерархиска поставеност меѓу судовите. Со измена на законот за судовите ќе бидат формирани две нови одделенија во рамките на Врховниот суд: Одделение за судска практика и правна информатика и Одделение за следење на судската пракса на Европскиот суд за човекови права. Овие две одделенија ќе имаат обврска да ја следат воедначеноста на судската практика на територијата на Македонија, како и примената на судската практика од Европскиот суд за човековите права од страна на македонските судови. Одлуките, мислењата и напатствијата што овие две одделенија ќе им ги дадат на пониските судови ќе имаат задолжителен карактер.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 10.ВОВЕДУВАЊЕ НА ИНСТИТУТОТ ИЗДВОЕНО СУДСКО МИСЛЕЊЕ ВО СУДСКИТЕ ОДЛУКИ
Во Македонија, институтот издвоено судско мислење е применет само во работата на Уставниот суд. Потребата од воведување на овој институт кога одлуката ја носат судии во судски совети, меѓу другото, е поврзана и со зголемување на одговорноста на судиите. Издвоените судиски мислења ќе се даваат во форма на малцински извештај во граѓанските, кривичните и управните предмети. Тие ќе бидат израз на принципот на слободно судиско уверување на секој судија во форма на несогласување на еден или повеќе судии со мнозинското мислење кое преовладало во Судот, а врз основа на кое била донесена одлука спротивна на издвоеното мислење. Посебното издвоено мислење ќе биде прикачено кон предметот, без обврска за негова примена. Овие мислења нема да бидат дел од судската практика во земјата, но неговото значење ќе биде во тоа што ќе може да се користи пред повисоките судски инстанци и во постапката на утврдување одговорност на судиите.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 11.ЕФЕКТИВЕН И НЕЗАВИСЕН УСТАВЕН СУД
Реформата на Уставниот суд во согласност со добрите европски практики и европските стандарди е неопходна. Доколку ВМРО-ДПМНЕ има потребно 2/3 мнозинство за измени на Уставот ќе предложи измени во начинот на изборот на уставните судии, ќе ги прошири уставните надлежности на Судот (оценка на уставноста на уставните амандмани, толкување на уставни норми, превентивна и дополнителна контрола на уставноста на меѓународните договори, постапување по покрената акцесорна постапка од страна на редовните судови), ќе предвиди да се донесе посебен Закон за Уставниот суд во кој ќе биде утврдена нова внатрешна организација на Судот (кривичен, граѓански и управен оддел), ќе се зајакнат човечките и материјалните капацитети на Судот, механизмите за негово постапување, и слично. Со законот ќе се спречи селективно постапување на Судот по однос на поднесените иницијативи, ќе се засили постапувањето на Судот по службена должност, ќе се воведат стриктни рокови за задолжително постапување по сите поднесоци на граѓаните, ќе се воведе уставна тужба за заштита на човековите права и слободи итн.
Доколку Уставниот суд постапувајќи по уставните тужби поднесени од граѓаните констатира дека конкретен судија континуирано крши човекови права и слободи ќе го активира правото да му предложи на Судскиот совет утврдување негова одговорност како основ за разрешување.
Ако Уставниот суд утврди повреда на човекови права со поединечен акт донесен од државен орган, ќе има право да ја укине спорната одлука и предметот ќе го врати на повторно постапување. Ако во постапката по уставната тужба, Уставниот суд процени дека спорниот поединечен акт е заснован на неуставен закон или подзаконски акт, покрај укинување на поединечниот акт, Судот ќе го поништи и неуставниот закон или подзаконски акт. Сите постапки пред Уставниот суд ќе бидат итни и приоритетни, ослободени од судски и административни такси и плаќања.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 12. НОВ ЗАКОН ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО
Донесување нов Закон за јавното обвинителство изработен од домашни експерти по уставно и казнено право, целосно усогласен со Уставот и европските препораки и стандарди. Воспоставување независно јавно обвинителство преку подигнување на критериумите за избор на јавните обвинители.
ВМРО-ДПМНЕ ќе ги подигне критериумите за избор и унапредување на обвинителите, ќе внесе нов начин на евалуација на работата на обвинителите и критериумите за утврдување нивна одговорност. Ќе биде извршена специјализација на јавните обвинители согласно праксата во европските држави за случаите поврзани со корупција, кривични дела сторени од високи функционери, перење на пари и слично.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 13.ИНТЕГРИТЕТ И ОДГОВОРНОСТ НА ЈАВНИТЕ ОБВИНИТЕЛИ
Ќе формираме посебно тело за евалуација, интегритет и етика на јавните обвинители и начленовите на Советот на јавните обвинители кое ќе: врши евалуација на работата на јавните обвинители, поднесува иницијативи за поведување постапка за утврдување одговорност на обвинителите и на членовите на Советот пред надлежните органи и предлага мерки за спречување на случаите на корупција, конфликт на интереси и непотизам. Ќе воведеме модел и ќе развиеме посебни правила за професионална етика на јавните обвинители со утврдување механизми за заштита и унапредување на етиката во јавнообвинителската практика.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 14.СОВРЕМЕНА ЈАВНООБВИНИТЕЛСКА АДМИНИСТРАЦИЈА И ЈАКНЕЊЕ НА ИСТРАЖНИТЕ ЦЕНТРИ
Ќе ја зголемиме ефективноста и ефикасноста во работата на јавнообвинителската администрација заснована врз управување базирано на знаење. Ќе утврдиме униформна методологија за водење статистика на јавнообвинителското постапување. Јакнење на аналитичкиот капацитет на Советот на јавните обвинители во планирањето и администрирањето на јавнообвинителската работа. Ќе ги зајакнеме истражните центри на јавното обвинителство преку нивно техничко, финансиско и кадровско екипирање. Кадровското екипирање ќе опфати стручни лица од различни области (право, психологија, економија, криминалистика и др). Со овие истражни центри ќе се овозможи ефективна и ефикасна борба особено со организираниот криминал и високата корупција. Ќе се формираат истражни центри во секое основно јавно обвинителство.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 15. УНАПРЕДУВАЊЕ НА ИНСТИТУЦИОНАЛНИТЕ МЕХАНИЗМИ ЗА ЗАЕДНИЧКО ДЕЛУВАЊЕ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО И ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА
Ќе ги зајакнеме човечките и финансиските ресурси на ДКСК. Ќе воспоставиме систем на следење на случаите на висока корупција и криминал. Ќе пристапиме кон измена и дополнување на кривичното законодавство и законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 16. НОВО ИЗБОРНО ЗАКОНОДАВСТВО И ГЛАСАЊЕ НА ДИЈАСПОРАТА
ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи донесување на нов Изборен законик. Во него ќе биде предвиден модел на електронско гласање на дијаспората, ќе биде преиспитан изборниот модел за избор на пратеници и советници на локално ниво, ќе се изврши прецизирање на изборните единици, ќе биде внесен институтот отповикување на градоначалници и основите и начинот за негово активирање, ќе биде предвиден нов модел на изборна администрација, нови превентивни механизми за спречување на изборните нерегуларности, целосно ќе бидат имплементирани препораките на ОБСЕ-ОДИХР, ќе биде предвиден нов модел за финансирање на изборната кампања, ќе се допрецизираат казните и прекршочните одредби во Изборниот законик и во Кривичниот законик и слично.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 17. КОДИФИКАЦИЈА НА ГРАЃАНСКОТО И ТРГОВСКОТО ПРАВО
Ќе го завршиме процесот на кодификацијата на граѓанското право и изработка на нов Трговски законик. Ќе основаме специјализирани трговски судови надлежни за споровите од статусното и договорното право, стечајната постапка, нелојалната конкуренција и интелектуалната сопственост.
Рок: 2022 година.
ПРОЕКТ 18. ПРОФЕСИОНАЛНОСТ, НЕЗАВИСНОСТ И ОДГОВОРНОСТ НА ВЕШТИТЕ ЛИЦА
Ќе воведеме измени во Законот за вештачење со дефинирање прецизни правила за гарантирање на стручноста, независноста и одговорноста на еден вештак, како пред својата професионална фела, така и пред државните институции со цел обезбедување објективност на судските постапки.
Рок: 2021 година.
19.МЕРКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ЗЛОУПОТРЕБА НА ПРИТВОРОТ
Целосно ќе го усогласиме Законот за кривичната постапка со принципите и заложбите на Европскиот суд за човекови права во насока на примена на други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 20.ПРОВЕРКА НА ИМОТНАТА СОСТОЈБА НА НОСИТЕЛИТЕ НА ЈАВНИ ФУНКЦИИ
Со донесување нов Закон за проверка на имотната состојба на носителите на јавни функции, како и на судиите и јавните обвинители ќе се утврдат случаите за противправно несразмерно зголемување на имотот на носителите на јавните функции, како и основите за нивната одговорност.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 21. ПОДОБРУВАЊЕ НА ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА ЗА КОНФИСКАЦИЈА НА НЕЛЕГАЛНО СТЕКНАТ ИМОТ И ИНФОРМИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ
Ќе ја ревидираме и унапредиме законската рамка за конфискација на нелегално стекнат имот со цел олеснување на постапката за одземање на имотот. Со измени на законската регулатива ќе се подигнат стандардите за управување со одземениот имот во корист на државата. Периодично јавно ќе се публикува список на одземен имот во корист на државата, податоци за вредноста на имотот, начинот на кој се управува со истиот и крајните корисници на кои им е доделен без надомест. За полесен пристап на граѓаните до овие информации целосно ќе се имплементира софтверско решение за евиденција на конфискуваниот имот.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 22. ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ ОД ПЛАЌАЊЕ НА ЗАСТАРЕНИ ПОБАРУВАЊА
Барањата за наплата на долговите на граѓаните за комунални и други услуги кои застаруваат за една година (вода, електрична енергија, топлинска енергија и сл.), а за кои бил поднесен платен налог или тужба, веднаш ќе бидат отфрлани со службена оцена на нотарот или судот кој постапува. Ќе биде укината обврската граѓаните да поднесуваат приговор за застареност на долговите. Со оваа мерка ќе се спречи доведување во заблуда на граѓаните дека се обврзани да ги платат застарените долгови само затоа што не истакнале приговор за застареност на побарувањата за комуналните сметки. За сите други долгови, односно останатите видови побарувања, нотарите и судовите ќе бидат обврзани писмено да го известат должникот дека се работи за застарено побарување и дека тој може да се повика на застареност со што практично ќе биде ослободен од обврската за плаќање на застарениот долг.
Рок: крајот на 2020 година.
ПРОЕКТ 23. СТОП ЗА ВРТОГЛАВОТО ТРУПАЊЕ НА КАМАТИТЕ ЗА СИТЕ ДОЛГОВИ НА ГРАЃАНИТЕ ШТО НЕ ПРОИЗЛЕГУВААТ ОД КРЕДИТИРАЊЕТО ОД ФИНАНСИСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Со воведување приоритет на исплата на главниот долг, а потоа плаќање на точно утврдената реална камата ќе се овозможи долговите на граѓаните да бидат полесно отплатливи, со што ефикасно ќе се решат најголем дел од финансиските проблеми на граѓаните. Оваа мерка ќе го елиминира бесконечното течење на каматата и вртоглавото зголемување на долговите на граѓаните и ќе придонесе за спречување на нарушувањето на благосостојбата на граѓаните предизвикано од блокирањето на нивните сметки.
Со цел дополнително да се намалат каматите, кај долговите на граѓаните како физички лица, пресметувањето на каматата ќе се однесува само за определен временски период, кој нема да биде поголем од времето потребно за застарување на побарувањето. На пример, кај долг за комуналните услуги, камата ќе се пресметува најмногу за една година, дури и во случаи кога граѓаните се тужени за наплата на долгот.
Рок на имплементација: крајот на 2020 година.
ПРОЕКТ 24. КАЗНУВАЊЕ НА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ ВО ИЗВРШУВАЊЕТО
Манипулациите во извршувањето од кои страдаат граѓаните ќе бидат спречени со измена на Кривичниот законик преку воведување посебно кривично дело „Злоупотреба на извршувањето“. Казниви ќе бидат сите дејствија со кои учесниците во постапката за извршување злонамерно ја спровеле постапката, стекнувајќи за себе противправна имотна корист или предизвикувајќи штета на граѓаните.
Рок на имплементација: 2021 година.
ПРОЕКТ 25.УСТАВНО ГАРАНТИРАНОТО ПРАВО НА ДОМУВАЊЕ НА ГРАЃАНИНОТ Е ПОСИЛНО ОД КОЈ БИЛО ДОЛГ
Освен во случаите на хипотекарно обезбедените побарувања, ќе се укине извршувањето врз недвижност која е единствен дом на граѓанинот. Оваа мерка се применува само кога се извршува по основ на наплата на паричен долг кога врз недвижноста не постои заложно право. Доколку недвижноста се употребува за домување на граѓанинот-должник, нема да биде возможно одземање на недвижноста заради наплата на долг, без оглед која е висината на долгот.
Рок на имплементација: 2021 година.
ПРОЕКТ 26. НАМАЛУВАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ ВО ПОСТАПКИТЕ ПРЕД НОТАРИ И ИЗВРШИТЕЛИ
Ќе се разгледа можноста за намалување на дел од трошоците и наградите за работењето на нотарите и извршителите. Воедно ќе се скратат и сите трошоци кои се наплаќаат од граѓаните, а не се неопходни и го оптоваруваат буџетот на граѓаните. Намалените нотарски и извршителски трошоци во постапката на наплата на побарувањето ќе се намируваат последни.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 27.EФИКАСНА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ИНОВАТОРИТЕ И НА АВТОРИТЕ
ВМРО-ДПМНЕ води посебна сметка за афирмација и стимулирање на македонските иноватори и на авторите и за заштита на носителите на правата од индустриска сопственост и на авторското право и сродните права. Ефектуирањето на заштитата ќе опфаќа измени на македонското законодавство за целосна имплементација на стандардите на Европската унија, посебно во однос на колективното управување на авторските и сродните права. Ќе биде донесен посебен Закон за ефикасна заштита на правата од интелектуална сопственост, кој ќе ги опфаќа специфичните овластувања на органите на државната управа и организациите со јавни овластувања (посебно инспекторатите и регулаторните тела) во случаите на повреда на правата од интелектуална сопственост. На институционален план ќе се преземат мерки за унапредување на услугите на Државниот завод за индустриска сопственост според европските добри практики. Ќе прекине институционалното и кадровско запоставување на авторското право од страна на Министерството за култура. Ќе биде развиена квалитетна информациска платформа за размена податоци на државните органи надлежни за ефикасна заштита на правата од интелектуална сопственост.
Во соработка со партнерски институции од земји членки на Европската Унија, приоритет ќе биде ставен на стручните обуки и поддршката на сите чинители од областа на интелектуалната сопственост (пронаоѓачи, автори, уметници-изведувачи, радиодифузни организации, судии, адвокати, обвинители, застапници, инспектори, менаџери). Преку конкретни проекти со бизнис-заедницата ќе биде ставен посебен фокус на утврдувањето на економската вредност на правата од интелектуална сопственост како дел од имотот на компаниите.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 28. ГЕОГРАФСКИТЕ НАЗИВИ И ТРГОВСКИТЕ МАРКИ НА МАКЕДОНСКИТЕ ПРОИЗВОДИ – ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ
Ознаките на производите се значајна алатка за развој на македонската економија, но и дел од македонскиот индентитет. Централно место ќе има заштитата на трговските марки и географските називи на македонските производи. Преку мерки за поддршка на бизнис-заедницата ќе се интензивира практиката на нови колективни трговски марки, географски ознаки и ознаки на потекло, во согласност со националното законодавство, но и опциите во меѓународните инструменти за индустриска сопственост. Мерките имаат за цел надминување на сегашната потчинета положба на македонските производи во регионот и постојните слабости во промоцијата ширум светот.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 29. НАДЗОР НАД ОРГАНИЗИРАЊЕТО НА ИГРИТЕ НА СРЕЌА И СПРЕЧУВАЊЕ НА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ
Имајќи го предвид огромниот финансиски обем на дејноста игри на среќа, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе основа Агенција за супервизија на приредувањето на игрите на среќа заради стручен и засилен надзор над приредувачите на игрите на среќа, заштита на учесниците во игрите на среќа од евентуални злоупотреби и создавање услови за рамноправен пазарен натпревар меѓу приредувачите.
Рок на имплементација: крајот на 2020 година.
ПРОЕКТ 30.ПОДОБРУВАЊЕ НА КОРПОРАТИВНАТА КОНКУРЕНТНОСТ
Воведување ефикасен механизам за транспарентност во доделувањето на државна помош на компаниите и спречување на злоупотреба на случаите на доминантната положба на пазарот посебно во случаите при преземањето на трговските друштва без претходно одобрение од органот на управување на компанијата што се презема. Зголемување на административниот капацитет, кадровската екипираност и буџетска поддршка на Комисијата за заштита на конкуренцијата со цел унапредување на нејзината независност.
Рок: крајот на 2020 година.
ПРОЕКТ 31. ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ
Ќе се изврши целосно усогласување на законската регулатива со европското законодавство со посебен фокус на ЕУ Директивата за безбедност на производите. Ќе се овозможи поддршка на заштита на потрошувачите преку доделување државни грантови, ќе се поттикне примената на медијацијата и намалувањето на нејзините трошоци. Ќе се развие сеопфатна веб-платформа со информации за граѓаните за правата на потрошувачите.
Рок: крајот на 2020 година.
ПРОЕКТ 32.ЗАШТИТА НА МАЛЦИНСКИТЕ АКЦИОНЕРИ И РАЗВИВАЊЕ НА АКЦИОНЕРСКАТА ДЕМОКРАТИЈА
Ќе се преземат мерки за спречување на злоупотребата при откупот на сопствените акции на компанијата особено при нивното користење како влог во создавање на нова компанија или злоупотребите при поништувањето на сопствените акции. Ќе се изврши ревизија на сите досегашни практики од овој вид.
Рок на имплементација: 2021 година.
ПРОЕКТ 33.СПРЕЧУВАЊЕ НА ЗЛОУПОТРЕБИТЕ ВО ЈАВНИТЕ НАБАВКИ
Основање на Совет за јавни набавки кој ќе дава претходна согласност на договорните органи за распишување оглас за јавна набавка чијашто вредност надминува 20.000 евра за набавка на стоки и услуги, односно 50.000 евра за градежни работи. Ќе се изврши ревизија на сите сомнителни постапувања при јавните набавки во последните три години.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 34. ЗАБРЗУВАЊЕ НА УПРАВНИТЕ ПОСТАПКИ
Ќе се воведе задолжителна обврска за Управниот суд да донесе мериторна одлука кога постапува по прв пат. Со ваквата обврска на Управниот и на Вишиот управен суд ќе се овозможат ефикасни и ефективни управни постапки од кои најголема корист ќе имаат граѓаните посебно имајќи предвид дека во практиката управните постапки траат многу долго. Ќе биде ограничено времетраењето на управната постапка со максимален рок на постапување пред управните судови од 6-9 месеци во прв и втор степен.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 35. ПОЛЕСЕН НАЧИН НА ПРИБАВУВАЊЕ НА ДОКАЗИ ВО УПРАВНИТЕ ПОСТАПКИ
Ќе биде олеснет начинот на докажување во управните факти, посебно на доказите кои се во службената евиденција на надлежен државен орган или организација. Наместо обврската да се прибавуваат овие докази на товар на граѓаните, истата ќе ја преземат органите што постапуваат во конкретна управна постапка.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 36.ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ НА ДРЖАВНИОТ УПРАВЕН ИНСПЕКТОРАТ
Преку зајакнување на капацитетите на Државниот управен инспекторат ќе се спречат повредите во управната постапка од органите што постапуваат.
Рок: 2021 година.
ПРОЕКТ 37. НОВА ПРЕКРШОЧНА ПОЛИТИКА – ПРЕВЕНЦИЈА ПА КАЗНА
Прекршочната политика ќе се води по системот превенција па казна. Ќе се утврди нов модел на работење на трудовата и на пазарната инспекција врз основа на системот усно укажување на евидентираните неправилности во работењето на правното лице, период за нивно отстранување, па дури потоа казна. Казната ќе следи само во случај кога неправилноста не е исправена во конкретен рок и ако истата и натаму се повторува од страна на правното лице. Нова прекршочна политика ќе биде утврдена и кај сообраќајните прекршоци. Ќе се примени системот на мали, но ефективни казни, односно десеткување на сегашниот систем на казни. На пример, сегашната казна за сообраќаен прекршок од 300 евра во денарска противвредност ќе биде заменета со казна од 30 евра во денарска противвредност. Системот на мали, но ефективни казни ќе придонесе кон намалување на корупцијата, ослободување на институциите од прекумерни предмети кои чинат пари и време, и ќе помогне во јакнењето на свеста на граѓаните за почитувањето на правниот систем.
Рок: крајот на 2020 година.
ПРОЕКТ 38: ЗАКОН ЗА ПОТЕКЛО НА ИМОТОТ
Со цел подобра борба против корупцијата, ќе донесеме нов Закон за потело на имотот. Тим експерти ќе бидат задолжени во рок од 6 месеци да ги разгледаат најдобрите европски и светски практики и предложат Закон, кој ќе влее доверба во граѓаните.
Рок: 2021 година
*ППР