Основното и средното образование претставуваат расадник на нова, идна генерација мислители, научници и иноватори, уметници, водачи и креатори на новите стандарди и новиот начин на живеење во државата. Основното образование му обезбедува на младиот човек свесност за себе и реалната околина, логично и аналитичко мислење, препознавање на базичните вредности, морални и етички, избор и начин за соочување со предизвиците и воспоставување на високи човечки и животни стандарди. Средното образование, од своја страна, го подготвува и му овозможува на ученикот стекнување на знаења и работни способности и вештини со цел да стане продуктивен член на општеството.
Во моментот, според светските тестирања на ПИСА на OECD, според знаењето на учениците, Македонија се наоѓа на ниското 67 место од вкупно 77 држави. Според тоа, учениците постигнуваат незадоволителни резултати во вкупната нивна наобразба. Затоа, неопходна е длабока и суштинска реформа, која ќе овозможи образовниот процес да ги постигне очекуваните цели.
За таа цел Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да ги преземе неопходните мерки во основното и средно образование преку проектите:
Проект 1: Реформа на наставните планови и програми во основно и средно образование
Со реформираните програми учениците од основно и средно образование ќе се растоварат од непродуктивно меморирање на факти без развивање на способност за нивна употреба, а нивното образование и воспитување ќе се приспособи на возраста и целите на образованието, како и на идните потреби на образовниот процес и пазарот на труд.
Рок: од учебна 2021/2022 година.
Буџет: 800 милиони денари.
Проект 2: Современо опремени училишта
Образовниот процес не е само теоретска наобразба од учебници. Затоа се обврзуваме да ги обезбедиме училиштата со дидактички, нагледни средства и техничка опрема потребни за реализација на модерна настава. Тоа ќе овозможи настава со практични активности во модерни кабинети, истражувачка дејност, насочување на интересот на ученикот според неговите предиспозиции и креативни наставници.
Рок: учебна 2020/2021 година.
Буџет: 60 милиони денари.
Проект 3: Средно стручно образование во функција на стопанството
Реформата на средното стручно образование мора да се прави во соработка со стопанските комори во Македонија. Истото, треба да овозможи образованието да се стави во функција на стопанството и неговиот развој. Реформата ќе се состои од приспособување на наставните планови и програми, креирање нови образовни профили и современи учебници, наставни помагала и опрема.
Дополнително, ќе пристапиме кон проширување на дуалниот систем на стручно образование по принципот учење преку работа на реално работно место, кој ќе развие и стручни компетенции и вештини за адаптирање во работниот процес. За ефикасно средно стручно образование реформата ќе опфати и доедукација и обуки за наставниот кадар, соодветно за потребите на стопанството.
Рок: од учебна 2021/2022 година.
Буџет: 1,8 милијарди денари.
Проект 4: Отворање на реални компании во средните стручни училишта
Со цел комерцијализација на работата на средните стручни училишта, поврзување со реалниот сектор, а заради стекнување поголеми вештини за работа на учениците и наставниот кадар, ќе го помагаме отворањето на компании од страна на средните стручни училишта
Рок: континуирано
Буџет: 3 милиони денари.
Проект 5: Професионална ориентација и кариерно советување на ученикот
Професионалната ориентација треба да започне од рана возраст, во основното образование. На младите ќе им бидат претставени сите професии кон кои можат да се стремат, како и оние кои ќе се развиваат во иднина кога тие ќе влезат на пазарот на труд. Ќе се спроведуваат тестови за професионално насочување на основците преку кои ќе им се даваат совети и препораки на родителите за упис на нивните деца во средно образование. Имплементацијата на професионална ориентација на ученикот ќе овозможи креирање на уписна политика според потребите на пазарот на трудот.
Рок: 2021година.
Буџет: 600 000 денари.
Проект 6: Мобилност на знаење
Се обврзуваме да овозможиме учениците од средното стручно образование да имаат можност за мобилност и пренос на знаења и вработување, како и признавање на претходното образование во насока на нивна преквалификација и доквалификација.
Рок: 2021 година.
Буџет: 0 денари.
Проект 7: Намалување на административните обврски на наставниот кадар во основните и средните училишта
Предвидуваме растоварување на административните обврски на наставниците, со скратување на обемот на внесен материјал во Е-дневник.
Рок: 2021 година.
Буџет: 0 денари.
Проект 8:Кариерно напредување на наставниците и признавање на различни степени на едукација
Ќе се овозможи континуирано напредување на наставниците, преку позициите наставник-ментор или наставник-советник, со соодветен финансиски надоместок за позицијата. Дополнителната едукација на наставниците од типот на постдипломски и докторски студии соодветно ќе се вреднува. Рок: учебна 2020/2021 година.
Буџет: 7,5 милиони денари.
Проект 9: Саем на млади иноватори
За поттикнување на младите иноватори во основните и средните училишта, ќе се организира Саем на иновации. Врз основа на јавен повик, еднаш во текот на годината, тие ќе имаат можност да добијат соодветна логистичка и финансиска поддршка за промоција и реализација на своја иновативна идеја во вид на проект. При подготовката, за нив ќе се обезбеди менторска поддршка, а ќе се организира и јавна презентација во рамки на саем за иновации, каде за најдобрите идеи ќе биде обезбедена финансиска награда.
Рок: 2021 година.
Буџет: 18 милиони денари.
Проект 10: Специјализирани паралелки за висока технологија
Предвидуваме формирање на паралелки во одредени средни училишта за специјализирано средно образование од областа на ИКТ (Information and Communications Technology) и СТЕМ (Science, technology, engineering, and mathematics). Целта е да се предава и учи според најсовремени наставни програми по информатика, технологија, инженерство и математика, за подготвување на младите за една од најбараните струки на пазарот на трудот.
Рок: учебна 2021/2022 година.
Буџет: 9 милиони денари.
Проект 11: Зајакнување на воспитната дејност во училиштата
Предвидуваме зајакнување на воспитно-образовната дејност во основното и во средното образование преку воведување интерактивна програма за етика, морал, добро однесување, намалување на нетолерантноста, вербалната агресија, врсничкото насилство, здравата животна средина како и за почитување на различностите и соодветно справување со проблеми и конфликтите во животот. Целта е да се постигне безбедна училишна средина како и наградување на најбезбедните, најеколошките и најчистите училишта.
Рок 2021-2022година.
Буџет: 2 милиони денари.
Проект 12: Кампања за Сексуално образование и репродуктивно здравје
Во соработка со НВО и факултетите од биолошките науки, се предвидува едукација за заштита од сексуално преносливи болести од шесто одделение.Примена на овој проект е во правец на зачувување на здравјето и спречување на несакани последици од ран сексуален живот.
Рок 2020-2021 година.
Буџет: 4,8 милиони денари.
Проект 13: Кампања за значењето и последиците од климатските промени како глобалем проблем Се предвидува едукација во училиштата која ќе има за цел кревање на еколошката свест и менување на животните навики на младите луѓе со цел проактивно дејствување и успешно справување со последиците на климатските промени.
Рок 2021-2022
Буџет: 4,8 милиони денари
Проект 14: Унапредување на интерактивниот портал за тутори
Проектот овозможува бесплатни дополнителни часови за заинтересирани ученици, од страна на други успешни ученици и студенти. Целта е подобро разбирање на материјата, постигнување повисок успех, како и намалување на семејните трошоци за приватно платени часови. За вложениот труд туторите добиваат дополнителни поени при аплицирање за студентски стипендии.
Рок: континуирано
Буџет: 0 денари.
Проект 15: Најдобра веб-страница и веб-портал за едукација
Предвидуваме награди за оние наставници кои ќе подготвуваат едукативни видеоматеријали.
Рок: 2021 година.
Буџет: 3 милиони денари.
Проект 16: Воведување на знаковен јазик и како наставен предмет во средните училишта од соодветни области.
Рок: 2021 година.
Буџет: 3 милиони денари.
Проект 17: Образование за сите
Проектот овозможува поддршка на лицата кои од какви било причини во минатото не го дооформиле образованието, нивна доквалификација и преквалификација и системско признавање на квалификациите стекнати преку неформалното образование, со цел олеснување на вработливоста.
Рок: 2022 година.
Буџет: 6 милиони денари.
Проект 18: Заштита и афирмирање на македонскиот јазик во дијаспората
Со овој проект ќе се овозможи поголема застапеност и употреба на македонскиот јазик кај децата во дијаспората, преку дополнителни активности за изучување на јазикот надвор од предвидените наставни програми (кампови и летни школи во Македонија за децата од дијаспората за практикување на јазикот, културата, историјата и традицијата)
Рок: 2021-2024
Буџет: 90 милиони денари.
Проект 19: Закон за претшколска возраст и закон за уметничко образование
Потребата за вакви 2 закона е повеќе од потребна. Законот за уметничко образование е потребен пред сè заради регулирање на многуте специфики на ова образование кое е сосема поинакво од гимназиското или стручното.
Буџет: 600 000 денари.
*ППР