Американската престижна агенција McLaughlin & Associates која е специјализирана за истражување на пазарот и која ги прави анкетите на Американскиот претседател Доналд Трамп, објави резулати од анкета спроведена во Република Македонија во однос на претстојните парламентарни избори.

Еден од основачите на McLaughlin & Associates резулатите ги објави на неговиот твитер.

Согласно истите во Изборната единица 1 ВМРО-ДПМНЕ води со 28% пред СДСМ за кого се изјасниле 25% од анкетираните. Рејтингот на ДУИ е 6% на АА 4% на ДПА 1% и на сите останати исто така 1%. 35% од гласачите се уште не се одлучиле за кого ќе гласаат. Репрезентативниот примерок на испитаници е 1.005 гласачи.

Во втората изборна единица рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ е 26%, на СДСМ 24%, ДУИ има рејтинг од 9%, АА 7% а за ДПА и за останатите како и во првата изборна единица така и тука се определиле 1% од гласачите. 32% се уште не се одлучиле на кого ќе му го дадат гласот. Репрезентативниот примерок на испитаници е 991 гласач.

Во третата изборна единица битката ќе се води помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ каде што ВМРО-ДПМНЕ има убедлива предност пред СДСМ, односно за неа ќе гласаат 39% од гласачите додека за СДСМ 32%. 29% од гласачите не одлучиле на кого ќе му ја дадат довербата. Репрезентативниот примерок на испитаници е 967 гласачи.

И во изборната единица 4 каде политичката борба се одвива меѓу Александар Николоски и претседателот на СДСМ Зоран Заев, Николоски има убедлива предност пред поранешниот премиер. Според резултатите од 975 испитаници за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 38% од гласачите додека за СДСМ 33%. 1% отпаѓа на малите партии од македонскиот блок, додека 28% не се одлучиле се уште.

Во петтата изборна единица каде што силите ќе ги одмерат Игор Дурловски и Радмила Шекеринска во македонскиот блок, за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 31% додека за СДСМ 28%. За ДУИ ќе гласаат 5% од избирачите, за АА 4% додека за ДПА 1%. Процентот на гласачи кои се уште не одлучиле за кого ќе го дадат гласот е 31%. Репрезентативниот примерок на испитаници е 967 гласачи.

Единствена предност коалицијата на СДСМ и БЕСА има во шестата изборна единица каде што 17% од испитаниците се изјасниле дека ќе гласааат за нив, додека 12% од гласовите ќе легнат на контото на ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ има најголемо гласачко тело во оваа изборна единица од 26%. Алијансата за Албанците и Алтернатива ќе биде поддржана од 20% од гласачите додека за ДПА ќе гласаат 3% од граѓаните. Репрезентативниот примерок на испитаници е 22% гласачи.

Во анкетата на крајот се заклучува дека голем е бројот на гласачи кои се уште не одлучиле како ќе гласаат но дека ВМРО-ДПМНЕ води пред СДСМ ако се гледа во сите 6 изборни единици вкупно.

Инаку, агенцијата McLaughlin & Associates ги прави анкетите и за конзервативната партија во Америка односно за Претседателот Трамп и таа е единствената овластена агенција за истражување, анализи и анкети ангажирана од страна на Доналд Трамп.