Професионализацијата на јавната администрација е од суштинска важност за развој на државата и градење на силни институции и ефикасна држава која ќе биде во функција на граѓаните и деловните субјекти во земјата.

Во таа смисла, ВМРО-ДПМНЕ предвидува голем број институционални реформи и мерки со кои ќе се подобри ефикасноста на јавната администрација преку нејзино целосно професионализирање. Сите тие реформи и мерки ќе бидат во насока на приближување на квалитетот на јавната администрација до нивото на ЕУ, зголемување на квалитетот на јавните услуги и намалување на можностите за корупција при обезбедување на истите, професионализација на администрацијата почнувајќи од највисоката раководна структура во институциите како и јакнење на инспекциските служби во насока на поголема ефикасност.

ПРОЕКТ 1. НОВ ЗАКОН ЗА АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ И ЗАКОН ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР, КАКО И ПРОМЕНА НА ОПШТ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР

Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор се покажаа како нефункционални заради несуштинските интервенции во изминатите три години.. Оттука, предвидуваме донесување нов Закон за административни службеници и Закон за вработени во јавниот сектор кој ќе се носи во отворена, транспарентна и инклузивна процедура со сите засегнати чинители. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ќе го усогласи Законот за административни службеници со Законот за високо образование и ќе обезбеди соодветно вреднување на степенот на образование при определување на платата на административните службеници.

Рок: 2021 година

ПРОЕКТ 2. КАРИЕРА ++

Во рамки на овој проект се предвидува унапредување на категориите на работни места на административни службеници и нови нивоа на работни места, заради адекватно валоризирање на трудот на сите административни работници. Предвидуваме, секоја категорија да биде проширена со нови две надкатегории и тоа: Ниво (Г, В, Б)+, со работен стаж од 7 до 15 години во иста институција на кое се додаваат дополнителен број бодови во делот на плата за степен на образование. Ниво (Г, В, Б)++, со работен стаж над 16 години во иста институција се додаваат дополнителен број бодови во делот на плата за степен на образование.

На постоечките 4 нивоа на работни места, ќе додаме уште 4 нови кои ќе служат само за интерни унапредување кои ќе бидат дозволени секоја година, за 1% од вработените кои добиле најголем број гласови од вработените во истата институција.

Ќе се извршат и промени на Законот за административни службеници да се овозможи административниот службеник да се унапредува едно место погоре доколку претходно биде минимум 5 години на исто ниво. Раководителот на органот ќе биде обврзан да го спроведе унапредувањето доколку има слободно место во систематизацијата и административниот службеник ги исполнува општите и посебните услови предвидени за тоа работно место.

Рок: 2022 година

ПРОЕКТ 3. AКАДЕМИЈА ЗА АДМИНИСТРАЦИЈА

Академијата за администрација ќе ги обедини Академијата за стручно усовршување на административните службеници на Министерството за информатичко општество и администрација (АО МИОА) и Центарот за обуки на Секретаријатот за европски прашања (ЦО СЕП), и ќе работи со институционална поддршка од Агенцијата за вработување (АВРМ) и Агенцијата за администрација (АА). Предвидуваме, за потребите на оваа Академија да се отвори мултифункционален центар за обуки. Академијата, по примерот на водечките академии и центри за обука на администрација на европско ниво, ќе нуди обуки во континуитет за сите вработени во јавниот сектор, за сите други надворешни заинтересирани правни, физички лица, невладин сектор, ќе остварува соработка со домашни и европски партнери и нуди можности за стручни обуки и усовршување во земјите членки на Европската Унија.

Рок: 2021-2024

Вкупно финансиски средства: 4 м. евра.

ПРОЕКТ 4. БЕЛА КНИГА ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ДРЖАВНА И ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Сите добри примери и добра пракса ќе се објавуваат во месечно списание, на ист начин ќе се објавуваат и поведените дисциплински постапки. На овој начин ќе се анимираат и наградуваат вработените а воедно ќе се воведе бела книга на институции и функционери кои вложуваат во безбедни работни места и пристојни услови за работа.

Рок: 2021 година

Буџет: 500.000 денари

ПРОЕКТ 5. СИСТЕМАТИЗИРАНИ И АДАПТИРАНИ РАБОТНИ МЕСТА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, НАЈМАЛКУ 2% ОД ВКУПНИОТ БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ ВО ИНСТИТУЦИЈАТА

ВМРО-ДПМНЕ е насочено кон обезбедување на целосна инклузивност на лицата со попреченост и обезбедување на еднакви права и можности. Во таа насока предвидуваме систематизирање и адаптација на работни места кои ќе бидат наменети за вработување на лица со инвалидност.

Рок: 2022 година

ПРОЕКТ 6. ВКЛУЧУВАЊЕ НА СИНДИКАЛНИ ПРЕСТАВНИЦИ ВО ПОСТАПКА ПО ЖАЛБА ВО ВТОР СТЕПЕН ЗА ПРАВА ОД РАБОТЕН ОДНОС И ПРИ ПОЛУГОДИШНО И ГОДИШНО ОЦЕНУВАЊЕ.

Во насока на деполитизација на администрацијата и заради обезбедување на транспарентност во постапките по жалбите во втор степен за права од работен однос, како и при полугодишното и годишното оценување, ВМРО-ДПМНЕ ќе предвиди законски измени со кои ќе се обезбеди вклучување на синдикални претставници во сите наведени постапки.

Рок: 2021 година

ПРОЕКТ 7.ПОРТАЛ ЗА СЛОБОДНА ЦИРКУЛАЦИЈА НА АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ

Слободната циркулација на административни службеници (АС) треба да се сфати како портал кој ќе служи за слободно движење на административните службеници во рамки на јавната администрација, каде тие по своја желба ќе конкурираат со сопствената административна биографија. Преку овој портал, кој ќе биде дел од ХРМИС системот, секој службеник слободно и без никакви притисоци ќе може да направи трансфер во институција која одговара на неговите аспирации, квалификации и стручна подготовка. Дополнително, овој портал ќе биде прв и основен филтер што ќе го употребува Агенцијата за администрација при објавата на јавни огласи за вработување, се со цел склучување на меѓуинституционални спогодби за преземање на административните службеници.

На овој начин ќе се направи правилна распределба на сите административни службеници кои ќе бидат најпродуктивни онаму каде што се најкомпетентни, ќе се постигне меѓуинституционален баланс и ќе се намали превработеноста во одредени институции, односно ќе се пополни недостигот на службеници во други институции, а воедно и ќе се намали бројот на нови вработувања.

Рок: 2021 година

Буџет: 300.000 илјади денари

ПРОГРАМА ВМРО-ДПМНЕ ПРОЕКТ 8. ГРИЖА ЗА ДЕФИЦИТАРНИ ПРОФЕСИИ

Министерството за информатично општество и администрација, во соработка со останатите релевантни институции, ќе изготви Листа на дефицитарни професии во рамки на јавната администрација за период од 2 години. Професиите кои ќе се најдат на Листата ќе бидат квалификувани да добијат соодветна финансиска поддршка во рамки на институциите.

Ќе работиме и на усогласување на платата на судската администрација, администрацијата во здравствените установи и воспитните установи со платата на административните службеници.

Рок: Континуирано

*ППР