Летото само што започна, но температурите веќе се издигнаа над 30°C. Во вакви услови возењето и патувањето стануваат се потешки и бараат многу повеќе внимание, концентрација и фокусираност. Високите летни температури влијаат на способноста на возачот, влијаат на техничката исправност на возилото, а секако влијаат и на условите на патот.

Со цел безбедно и сигурно патување, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување и со совети за возачите:

- Високите температури негативно влијаат на способноста за управување на моторно возило и придонесуваат за појава на замор, дефокусираност и пад на концентрацијата кај возачите. Согласно тоа, избегнувајте да патувате во период од денот кога температурите се највисоки односно патувајте во раните утрински или во раните вечерни ( доцни попладневни) часови.

- Внимавајте на температурата во возилот односно внимавајте на температурните разлики и правете постепена адаптација и аклиматизација при влегување или излегување од возилото.

- Планирајте го вашето патување на време и патувајте наспиени и одморени. Избегнувајте да патувате во часовите предвидени за спиење. Ниту еден кофеински или енергетски производ не може да го замени добриот сон пред тргнување на пат.

- Консумирајте повеќе течности (особено вода) и правете минимум 15 минути пауза на секои два до три часа активно возење.

Високите температури влијаат и на условите на патот. Намалете ја брзината и држете безбедно растојание затоа што во услови на високи дневни температури поради намаленото триење на пневматиците и коловозната површина, сопирачкиот пат на возилото е подолг.

Високите температури исто така влијаат и на техничката исправност на возилото, а безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото. Технички неисправните возила се извор на опасности во сообраќајот. Затоа, пред да тргнете на пат задолжително проверете ги:

- Гумите- притисокот на воздухот и длабочината на шарата - Маслото на моторот - Системот за управување - Системот за сопирање - Светлата, течноста за ладење на моторот, итн..