Носителката на листа на пратеници во Првата изборна единица од коалицијата „Можеме“ Мила Царовска, кандидидатите за пратеници Санела Шкријељ и Дарко Каевски и градоначалникот Стефан Богоев вечерва во фитнес паркот во Карпош се сретнаа со претставници на младинските организации кои работат на унапредување на младинскиот стандард.

– Донесовме Закон за младинско учество и младински политики. Во изминатите три години направивме голем исчекор со тоа што ја вративме довербата во Агенцијата за вработување преку Младинската гаранција. Од над 18.000 млади лица коишто влегле во Младинска гаранција лани над 6.000 лица се вработени и тоа е голема успешност на програмата, рече Царовска.

Младите, порача, можат да бидат претприемачи. Со здружување две млади лица можат да користат 10.000 евра за отворање на сопствен бизнис.

– Работиме и на развивање на средните стручни училишта и ценење на стручните професии до воведувањето на младински додаток. Повеќе од 5 000 лица кои работат во производство, добиваат младински додаток. Овие лица добиваат плус 3.000 денари од државата на својата плата што придонесува за поголемо вреднување на нивниот труд, но и на работата што ја носат, изјави Царовска. Санела Шкријељ оцени дека Владата предводена од социјалдемократите обезбеди транспарентен и постојан дијалог со младите.

-Наш фокус беше намалување на невработеноста и тоа го направивме. Се донесе Закон за практиканство. Преку ОП обезбедивме сериозна поддршка. Од 700 милиони денари во 2016, годинава имаме 1,4 милијарди денари. Сметам дека доста направивме за младите и дека во следниот мандат ќе направиме уште повеќе, рече Шкријељ.