„Дигитални предизвици за општествена трансформација“ е темата на јавниот настан што ќе се одржи денеска во дворот на Клубот на пратениците во Скопје, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

-Целта на настанот е истакнување на брзорастечката улога која процесот на дигитализација ја има во сите сфери на општеството, вклучувајќи го јавниот сектор, бизнис заедницата, локалното учество во креирањето на политики, граѓанскиот сектор, меѓународните односи и слично, соопштија од МИОА.

Најавуваат дека посебен акцент ќе биде ставен на предизвиците со кои демократските општества се соочуваат во рамки на спроведувањето на процесот на дигитализација меѓу кои спаѓаат и лажните вести и дезинформациите, особено за време на пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Предвидени се излагања на министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како и на проф. д-р Соња Филипоска редовен професор на ФИНКИ и Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.