Невладина организација, инаку профитабилна, се нашла на списокот на Владата за добивање пари предизборно- открила Антикорупциската комисија откако отвори предмет по одлуката на власта да дели пари непосредно пред изборите.
-При самото разгледување на предметот видовме дека некои официјални службени лица се потписници на сметката на одредено граѓанско здружение, а исто така сретнавме и дека граѓанско здружение кое што работи профитабилно е дел од оваа владина одлука. Тоа ни создаде одредени ризици и решивме да ја погледаме целата постапка, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска за Алфа.
Но тоа не е се. Управниот суд го поништил предметот што инаку ДКСК го отворила за распределба на парите на НВО-ции во ек на кампањата, кога според Изборниот законик е забрането.
-Бидејќи сметавме дека не се работи за итност за исплата на овие средства, го прифативме и приговорот на подносителот. Но, генералниот секретар на Владата поднесе тужба до Управниот суд и Управниот суд ја прифати тужбата со образложение дека требало целиот предмет да се гледа во целина и дека се работи за одлука која што ја донела Владата кога овие членови што сеоднесуваат на забраните биле тргнати од важност, вели Ивановска.
Од Владата пак појаснуваат дека финансиска помош добиле вкупно 39 здруженија, а рокот за исполнување на проектите е 2 до 6 месеци. Сите ќе мора да поднесат финансиски извештај до Владата кон крајот на годинава или почетокот на следната.