Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција во однос на тоа дали се слуша почесто со Зоран Заев од СДСМ или со Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, во контекст на разговорите за формирање влада, лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села одговори дека засега не контактира ниту со едниот ниту со другиот.
- Деновиве контактирав само со една госпоѓа од Собранието, која ме информира дека во вторник ќе има конститутивна седница, одговори Села, посочувајќи дека преговорите за формирање на владата би почнале по 4 август.
Села додаде и дека доколку неговиот политичкио опонент ДУИ не успее да добие премиер - Албанец или пак доколку тоа биде само една година по принципот на ротација, тогаш, според него, Ахмети треба да отстапи од преговорите за формирање на нова влада.
- Тоа би значело дека некој си игра со довербата што граѓаните им ја дале. Секоја политичка партија за време на кампањата ветуваше програма за четири години, а не некоја си ротација, со цел по секоја цена да се остане на власт. Бидете сигурни дека ќе тргнат раце и од тоа ветување, додаде Села.