Ако треба нека ме притворат, јас нема да престанам да објавувам документи кои се од јавен интерес вели уредникот на „Економски лидер“ Љупчо Златев, кој заработи кривична пријава откако објави две статии за злоупотреба во Агенцијата за национална безбедност. Објавите се однесуваа на лице исклучено од АНБ а претходно работело во УБК, а како причина за ваквиот потег, според објавите, е дека неговиот татко бил дел од протестите за промена на името.

Според Златев станува збор за документи од јавен интерес кои не биле класифицирани како службена тајна. Нарачателот на кривичната пријава е директорот на АНБ, Викотр Димовски, тврди Златев.

-И утре да добијам ист ваков документ кој има јавен интерес, јас пак ќе го објавам. Тоа значи дека јас јавно кажувам дека ќе го повторам делото. Доколку не е монтиран политички случај, во истиот момент јас треба да одам во притвор, затоа што најавувам повторување на делото. Најавувам и влијание врз сведоците, односно сите оние свиркачи, кои ми ги дадоа овие документи, им реков да се повлечат за да немаат свои реперкусии.Овие документи имаат класификација на „Интерно“. Е сега јас сум ги добил овие документи од свиркач, по законите во Република Македонија тоа значи дека тие престануваат да бидат класифицирани, затоа што се работи за јавен интерес. Овде имаме класично кршење на законот и ограничување на службена тајна, вели Златев за Алфа.

И Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници изразија загриженост заради кривичното гонење на Златев. Порачуваат дека ваквите постапки водат кон своевиден самоцензурирачки притисок на новинарите кои пак се обидуваат и треба да се водат според начелото на јавен интерес.