Општина Велес информираше дека третото авионско третирање против комарци ќе го изврши на ден 14 август во периодот рано сабајле од 05:00 до 06:30 часот. Доколку временските услови не дозволуваат авионско прскање, истото ќе се изврши наредниот ден, 15 август.
Во соопштението на Општина Велес се наведува дека границата, на третирањето е: Езеро „Младост“, село Отовица, месност Јарбош, по течението на реката Вардар од север од село Башино село низ Велес, сè до вливот на реката Бабуна и село Горно Караслари. На запад границата започнува од населбата Превалец, преку населбата Керамидна, кон фабриката „Киро Ќучук” и село Горно Оризари.
Со третирањето ќе биде опфатено целото градско и приградско подрачје, како и целото течение на реката Вардар на овој потег. И оваа година ќе се третира рекреативниот центар Езеро „Младост“ со непосредната околина.
-Се известуваат пчеларите во времето на третирање и три до четири часови потоа да ги затворат кошниците со пчели, поради можноста од влијание на средството со кое се врши третирањето врз безбедноста на пчелните семејства,предупредуваат од Општина Велес.